Решително НЕ за рестарт на топилницата

Претставници на Зелената коалиција предводени од Градоначалникот Горан Петров, на 27 октомври годинава во Скопје им го пренесоа решителното НЕ на претставниците на компанијата Метрудхем, новиот сопственик на топилницата. Обидот на Метрудхем да организира јавна трибина за економските придобивки од рестартот на топилницата пропадна  откако велешани побараа сите да присуствуваат на трибината. Кога  портпаролот на Метрудхем, Александар Билбилов рече дека е возможно само шестмина претставници на зелената коалиција да присуствуваат на трибината, велешани одлучија да не влегуваат во салата и своите пораки да ги искажат јавно пред медиумите.

Дојдовме да ви пренесеме една порака. Воопшто не сакаме да спориме за вашите аргументи. Вие вашите аргументи ги имате, тоа е бизнис интересот и тоа може да биде ставено во рамките на бизнис интересот. Овие луѓе овде имаат право на сопствен живот и на здравје“, рече градоначалникот Горан Петров искажувајќи ја својата безрезервна поддршка на граѓаните. „Свесни ли сте дека во Велес умираат деца, дека во раце го имате велешкиот Адолф Хитлер?, јавно праша д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“. “Не сте пожелни во градот. 98 проценти од граѓаните се изјаснија дека се против рестартирање на Топилницата, рече Ангел Гушев претседател на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“. Во поддршка на Зелената коалиција, на средбата пред хотелот „Холидеј ин“ во Скопје присуствуваа членови на Советот на Општина Велес како и Лилјана Поповска, претседател на партијата ДОМ. Трибината во Скопје беше организирана само еден ден пред најавеното изјаснување на Основниот Суд во Велес околу тужбата на велешани против државата поради тридецениското загадување.