НЕ за топилницата

Многу илјаден народ се собра во центарот на Велес за да каже решително "не " за повторната работа на топилницата за олово и цинк.   Со химната на градот "Болен ми лежи Миле Поп Јорданов" испеана од грлата на сите присутни, силно одекна пораката "Не топилница во Велес". Протесниот митинг, "народното еколошко востание" се случи на 9-ти ноември, Денот на ослободувањето на Велес, кога симболично велешани  решија да се  "ослободат" од  загадувачот. Тие  испратија порака, дека не сакаат Тројански коњ во нивното соседство, за малкумина нивни сограѓани работа и пари, а за сите 45 илјади жители нарушено здравје и болести.

Велес 40 години беше завиен во црно, ги полневме гробиштата од двете страни на градот, па моравме да изградиме нови. Затоа ли ни треба топилницата. Не, фала, овде во Велес не и местото. Ова е првата еколошка револуција на Балканот, во која сигурно ќе победиме. Велес е премал за нас двајцата, еден ќе си оди.  Знам дека ние граѓаните остануваме тука – рече Александр Кукулев Сашко од "Зелената коалиција".

Јас одлучувам за својата иднина, Топилница гуд, Велес капут, Не сакаме горчливи пари, се само дел од бројните напишани пораки на транспарентите кои гордо се креваат во височина. Велешани не сакаат да се повтори грешката од почетокот на 70-тите години на минатиот век, кога без нивно знаење, гигантот на обоената металургија со политичка одлука  е изграден  во Велес. И  додека тој бележел рекордни резултати, прибирал многу пари, велешани го губеа здравјето а последиците  од загадувањето уште се  чувствуваат. Протестот ги обедини власта и опозицијата, заедно беа пратениците од градот Илија Димовски и Марјан Николов,  еколошките организации од цела Македонија.

Вечерва сме на час по историја, тука ја пишуваме сопствената. Во името на идните генерации одлучно велиме "не"  за топилницата во Велес. Ни треба здрава и чиста  животна  средина – рече градоначалникот на Велес Горан Петров. На протестот беа и неговите колеги, градоначалниците од Ужице и Сомбор (Србија) и Свиштов ( Романија) кои се гости на Велес.
Присутните пуштија во небо стотици балони, во боите на виножитото, посакувајќи  живот во здрава и чиста еколошка средина. Два часа многу илјадниот народ минуваше низ градските улици, од центарот се до капијата на топилницата.

Од протестот беа испратени три барања до Владата на Република Македонија.
-    Да не се дозволи отворање на топилницата во Велес
-    Да се исчисти почвата на која е лоцирана топилницата, заедно со неа и да се намени за мали и средни претпријатија
-    Да се исчисти депонијата со згура и да се деконтаминира почвата  во градот, во училиштата, градинките и парковите
 
"Оди си", "Не те сакаме" "Убијци"  со овие пораки упатени на адреса на топилницата голем број велешани во мировен протест кажаа "не" за рестартот на овој капацитет.  Според  организаторот помеѓу 15 до 20 илјади граѓани излегле на ова " народно еколошко востание".    Тие потсетија дека за прв пат во Македонија се случи граѓанска еколошка револуција. Пред капијата на топилницата беа оставени еден цвет и една свеќа која гореше.

Ако тие, Метрудхем,   имаат аргумент од 150 милиони долари, ние  имаме  аргументи од  овие  илјадници граѓани. Појасна и почиста порака не можат да добијат. Ако ова не сакаат да го видат и слушнат, тогаш тие имаат проблем со самите себе – рече градоначалникот на Велес Горан Петров.  
 
Ќе го одбраниме Велес, нема попуштање, нема повлекување.  Таму каде што е народот таму сме  и ние политичарите – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
"Не" за топилницата бидејќи носи повеќе штета отколку корист за градот. Здравјето на велешани е најскапо и ги нема тие пари што можат да го заменат – вели Марјанчо Николов пратеник од СДСМ.
Дојдов со големо задоволство да го бранам здравјето на мојот народ. Ни треба  здрава млада  генерација  и затоа сум тука со  илјадници велешани – рече Владиката Агатангел, Митрополит на Повардарската Епархија на МПЦ.
Оваа вечерина, додека илјадниците граѓани маршираа,  за прв пат биеја новите камбани од црквата во изградба Св. Кирил и Методиј.   Меѓу бројниот народ беа сопружниците  Лена и Васил Јованови и  кои и покрај годините и староста, пеш ја изодеа километарската колона. Велат во името на здравјето кое е најскапо.
Топилница никогаш повеќе во Велес. Да ја нема оттука, затоа што сакаме здрав живот за сите нас, и за идните поколенија -   рече Славчо Чадиев претседавач на Советот на општина Велес.

Меѓу  народот беше и актерот Васил Зафирчев. Протестирав против рестарт на Топилницата. На Велес му се потребни вработувања, но  во други сектори, не во оваа нечиста технологија и индустрија – рече  Зафирчев.
Тоа што сме тука сите заедно,  е доказ дека  ова не е политика. Ова  е крикот на велешани за евентуалниот рестарт на топилницата, и стравот дека може да има загадување  за нашите поколенија – рече Ѓорги Коџобашиев пратеник од ВМРО-ДПМНЕ  од Велес.
Протестот го организираа "Зелената коалиција", во која влегуваат седум граѓански здруженија и Општина Велес.