Министерот за животна средина во посета на Општина Велес
“Уште еднаш пред целата Велешка јавност го потенцирам ставот на Министерството за животна средина и просторно планирање дека најтранспарентно ќе ја водиме постапката за оцена на влијание на проектот Топилница за олово и цинк Велес. Во Вас гледаме како на партнери кои ќе ни помогнат да ја спроведеме постапката пропишана во законската процедура, која задолжително ја вклучува јавноста и го цени нејзиното мислење” – се обрати Министерот за животна средина и просторно планирање при неговата посета во Велес на 07.02.2012 година.
Во присуство на претставници на Одборот за спас на Велес од Топилницата и Зелената коалиција, тој истакна дека проектот Топилница се разгледува и во Владата на Република Македонија и пред секоја одлука што Министерството ја носи за овој случај, таа е информирана и активно вклучена во овој проект, иако тоа не е законска обврска.
Проектот е во фаза на определување на обемот за оценка на влијание на проектот врз животната средина, во која ќе се разгледуваат сите забелешки и мислења од јавноста.
На средбата Министерот одговараше на прашањата на присутните и ги слушна забелешките околу спроведувањето на законската процедура од страна на Министерството, која придонесе за реакции во јавноста. Се разговараше за несоодветноста на локацијата, акумулираното загадување на животната средина во Велес, започната постапка за пренамена на локацијата од страна на Општина Велес, можностите за ремедијација на почвата, санирање на депонијата за оловно-цинкова јаловина.
“Ние имаме морално право да бидеме многу внимателни на сите чекори кои ќе бидат превземени. Како јавност покажавме дека будно ја следиме ова постапка и сакаме таа да биде крајно транспарентна бидејќи се работи за животот на идните поколенија. Нашите забелешки за досегашната процедура се прифатени и општината и граѓанскиот сектор ќе бидат вклучени во неа. Очекувам дека таа ќе заврши низ законски спроведена процедура, која ќе ги почитува волјата и желбите на велешани, топилница да не се рестартира на постојната локација”- истакна Градоначалникот Горан Петров.
Тој се заблагодари на Министерот и неговите соработници за посетата која ја оставри целта - јавно да се искаже вољата на сите страни за транспарентност на постапката, ги разјасни процедурите и го зацврсти дијалогот.