Дистрибуција на тешките метали во почвата во Велес
"Дистрибуција на тешките метали во почвата во Општина Велес
и на земјоделските површини во на просторот Башино село - Речани"
Д-р Симеон Јанчев - Технолошко-металуршки факултет
Согласно член 51 од Законот за животна средина, општините се должни сите информации во врска со животната средина да им ги направат достапни на граѓаните.
Проектот "Дистрибуција на тешките метали во почвата во Општина Велес" е реализиран во 2004г. од страна на Технолошко–металуршкиот факултет со финансиска поддршка на Министерството за образование и наука на РМ, а проектот "Детална геохемиска проспекција на тешките метали – микроелементи во агрикултурните почви на просторот меѓу Башино село-Речани" во 2004г. со финансиска поддршка од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, има за цел:
- да се овозможи транспарентен пристап на јавноста до информациите кои се однесуваат на животната средина;
- доследно да се имплементира Архуската конвенција, меѓународен договор кој преку својата содржина ги поврзува заштитата на човековите права со заштитата на животната средина, со која земјите-потписнички се обврзаа информациите и прашањата за животната средина да им ги направат достапни на граѓаните.
Мониторингот на состојбата со животната средина по затворањето на Топилницата покажува значително подобрување на квалитетот на воздухот и подобрување на квалитетот на река Вардар. Голем проблем е загадувањето на почвата. Резултатите од студиите покажуваат дека апсорпциониот капацитет на почвата за прифаќање на ново количество тешки метали е на гранично ниско ниво (кумулативен биланс на тешки метали кој многу тешко се ревитализира).
Ова истражување е со цел:
Ова истражување е со цел:
- да се детерминира дистрибуцијата на тешки метали во почвата во Велес;
- да се зонира подрачјето на загадување;
- да се испита содржината на тешките метали во реонот на интензивно замјоделство (градинарство).
Почвата е чувствителен медиум, важен природен, социјален и економски ресурс. Но, тридецениското емитирање на тешки метали предизвикаа голема контаминација на продуктивна почва.
Во отсуство на востановен мониторинг на почвите ваквите студии се значаен дел за да ја покажеме вистинската слика за квалитетот на животната средина во Велес.
Големо загадување на почвата предизвикуваат и депониите со згура т.н. историско загадување.
Во Националниот план за управување со отпадот идентификувани се 16 индустриски жаришта од кои 2 се во Велес - депонијата за рудничка јаловина која содржи 1.115.000 m3 депозити и зафаќа 95.000 m2 површина.
Депонијата на погонот хемија има 3.700.000 m3 депозити и зафаќа површина од 70.000m2.
Во овој план и во НЕАП 2 (Национален Еколошки Акционен План 2) овие депонии се идентификувани како големи еколошки жаришта.
Најновите информации од Министерството за животна средина и просторно планирање е дака се приоретизирани 4 депонии за кои ќе бидат изготвени физибилити студии од кои една е депонијата на Топилницата во Велес.
Во нашата земја сеуште нема стратегија и национална политика за управување со контаминираните места или специфична законска регулатива која го регулира нивното чистење.
Постојан мониторинг со систематско следење на квалитетот на почвата во РМ не постои. Заводот за здравствена заштита – Велес во 2004 и 2005г. спроведе "Програма за интегрално испитување на концентрациите на тешки метали во воздух, вода, почва, крв кај луѓето", но резултатите сеуште статистички се обработуваат.
Голема задача е да се деконтаминира почвата и да се превземат мерки за да се врати животот на велешката почва: зонирање на контаминираните површини, давање на препораки за одгледување на земјоделски култури кои имаат помал апсорпционен капацитет за тешките метали (зелените растенија имаат голема апсорпциона моќ), преориентирање на земјоделското производство, ремедијација на загадената почва.
Општина Велес даде поддршка на третата фаза од испитувањата – проект "Детерминација на достапните содржини на олово, зинк, кадмиум во агрикултурните почви од реонот Башино село - Речани", финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Дел од вкупните содржини е недостапен за растенијата бидејќи се наоѓа во минерална состојба која е недостапна за кореновиот систем. Резултатите ќе ги покажат вкупните достапни – мобилни - приемчиви содржини на тешки метали од страна на земјоделските култури.