Децата од Велес испратија еколошки пораки

ImageПо повод одбележувањето на најголемиот еколошки празник 21 Март - "Денови на пролетта-денови на екологијата" под покровителство на Општина Велес и во организација со ЕД "Вила Зора" се одржа традиционалната културно-забавна манифестација со мотото:

 "Ластовички на велосипеди"

На платото во центарот на градот кордон од ученици од основните училишта го поздравија велосипедското дефиле со кое се означи почетокот на сезоната на користење на велосипедите како најеколошко и алтернативно превозно средство.
Ненад Коциќ, претседател на ЕД "Вила Зора" го означи почетокот на велосипедската трка која имаше ревијален карактер и која го заобиколи поширокото градско подрачје.
 
На местото на настанот вриеше како во кошница. Детските рачиња ги испишуваа еколошките пораки, а потоа ги прикачуваа на зелените дрвца кои беа направени специјално за таа намена.

Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Аце Коцевски напиша: 
"Граѓаните на Велес не се граѓани од втор ред. Тие имаат право на здрава животна средина".
 
Малите дечиња од детската градинка "Димче Мирчев" своите чувства кон животната средина ги изразија преку цртежи кои ги прикачија на еколошките дрвја.
 
Учениците напишаа:
  • Засади дрво. Засади цвет. Разубави го цел свет.
  • Чувај ја природата. Таа ќе ти врати.
  • Сакам да живеам во чист град кој изобилува си зеленило.
  • Секој како прво, треба да засади барем едно дрво.
  • Чистотата и редот раѓаат убави чувства кај човекот.
  • Не ја загадувај природата затоа што тоа е наша иднина. Живеј во чиста животна средина.
  • Чиста вода, чист воздух и почва ќе ни родат здраво поколение
  • Само помисли на незагадена пролет и тогаш ќе сватиш што е екологија.

"Чичковци, тетки, не ја отворајте повеќе Топилницата во нашиот град".

Сите еколошки пораки ќе бидат испратени до државните надлежни институции.
 
Image Image

Image Image