Илјадници протестираа за чист Велес
Под мотото „Еден ќе мора да си оди“, во организација на Зелената коалиција, на 10-ти јуни во Велес се одржа масовен мирен протест против рестартот на топилницата. Илјадници граѓани ги поздравија пораките на невладините организации - членки на Зелената Коалиција. Од центарот на Велес каде симболично кон небото се вивнаа црни балони „последното црнило во Велес“, илјадници граѓани мирно маршираа до топилницата каде запалија свеќи во знак на надеж за живот во чиста и здрава животна средина.
Задно со своите велешани протестираше градоначалникот Коцевски кој преку медиумите го изрази своето задоволство од масовноста на протестот. „Велешани уште еднаш покажаа дека имаат силно развиена еколошка свест. Верувам дека во оваа битка ќе одиме до крај и дека ќе успееме да го заштитиме Велес од рестарт на топилницата“, рече тој. Ненад Коциќ, претседател на ЕД Вила Зора на Македонија и порача „На овој протест велешани чекорат зад еден багер. Ако треба ќе ги има сто и десет и ако треба ќе ја урнеме топилницата“.
Пред капијата на „Сликарот на мртвата природа“ како што ЕГ „Греен пауер“ го нарекоа загадувачот ниту обезбедувањето не ги спречи велешани да го изразат својот револт од најавениот рестарт на топилницата. Меѓу нив мајки и роднини на деца со церебрална парализа и хронични заболувања, па дури и поранешни вработени во топилницата.
На масовниот протест му претходеше хепенинг во Младинскиот парк, каде на 9-ти јуни, велешките музичари и млади екологисти со дебати и музика испратија апел за живот во чиста и здрава животна средина.
(10.06.2008)