Топилницата не смее да проработи
По отворањето на понудите на тендерот за продажба на топилницата Зелената Коалиција и Одборот за спас на Велес од топилницата одржаа прес конференција на која уште еднаш јасно го искажаа ставот дека Велес не смее да дозволи рестарт на топилницата на истата локација и со постојната технологија.
„Случувањата со тендерот за продажба на топилницата се навреда за граѓаните на Велес,помалку е трагично и смешно. Некој упорно не ги сваќа пораките на граѓаните“, рече Александар Кукулев од Зелената Коалиција.Во функција на член на Одборот за спас на Велес од топилницата, Трајко Бабунски, претседател на Советот на Општина Велес најави одржување на итна седница на Одборот за спас на топилницата. “И покрај јасно искажаната воља на граѓаните на Велес кои со масовен протест организиран од Зелената коалиција, на 10-ти јуни годинава се спротиставија на рестартот на топилницата на истата локација и со истата технологија, повторно сме сведоци на упорно настојување за продажба и рестарт на топилницата.
Апелирам до граѓаните на Велес со своето присуство, вечерва во 20 часот да дадат поддршка на Одборот за спас на Велес од топилницата и да бидат активни учесници во искажувањето на јавно НЕ за работата на топилницата и загадувањето со тешки метали“.
На седницата што ќе се одржи во просториите на Општина Велес ќе присуствуваат и претставници на Зелената коалиција. Заклучоците од седницата на Одборот за спас на Велес од топилницата ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија, надлежните министерства, Амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере и повеќе претставници на меѓународната заедница. На средбата со новинарите Кире Кочов од Зелената Коалиција рече дека нема економска логика во продажбата на топилница за сума многу помала од побарувањата. Сашко Андреевски во име на родителите на болни деца изјави дека би било крајно несериозно ако и се верува на неодамна формирана фирма.
(18.06.2008)