ИТНА СЕДНИЦА НА ОДБОРОТ ЗА СПАС НА ВЕЛЕС ОД ТОПИЛНИЦА
Велешани едногласно се спротиставија на рестартирањето на топилницата. На итната седница на Одборот за спас на Велес од Топилницата во кој покрај градоначалникот, претседателот на советот на општината членуваат истакнати граѓани кои работат во областа на медицината, образованието, науката и медиумите, присуствуваа и членовите на Зелената коалиција, пратеници, новинари, граѓани.
На седницата на која за претседател на одборот е избран градоначалникот Аце Коцевски, а за заменик - претседател новинарот Кире Василевски беа дадени повеќе предлози за преземање на итни мерки против рестартот на топилницата. Седницата заврши со утврдување на девет заклучоци со насоки за итно делување со цел да се влијае на надлежните органи во државата и кај претставниците на меѓународната заедница да ги поддржат велешани во битката за остварување на уставното право на чиста и здрава животна средина. На седницата на Одборот за спас на Велес од топилница беа искажани сомнежи околу законитоста на постапката за продажба на топилницата. Затоа Одборот и Зелената коалиција ќе бараат од Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата и судските органи да ја преиспита продажбата.
Заклучоците од итната седница на одборот ќе бидат доставени до Владата, Амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере како поддржувач на велешани и повеќе претставници на меѓународната заедница.
Одборот за спас на Велес од Топилница основан од Советот на Општина Велес, со решение бр. 07-3071/9 на 10.06.2008 година, на ден 18.06.2008 година, ја одржа првата итна седница на која ги донесе следните
ЗАКЛУЧОЦИ
1.Одборот за спас на Велес од Топилница го штити уставното право на граѓаните на живот во здрава и чиста животна средина утврдено со член 8 и член 43 од Уставот на Република Македонија и во ниту еден случај нема да дозволи да продолжи агонијата на граѓаните на Велес кои сеуште ги трпат последиците од загадувањето со тешки метали.
2.Одборот за спас на Велес од Топилница ја осудува скандалозната продажба на топилницата на новоформирана фирма без референца.
3.Одборот за спас на Велес од Топилница бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата на Република Македонија и надлежните судски органи да ја преиспитаат законитоста на постапката за продажба на топилницата.
4.Одборот за спас на Велес од Топилница со Зелената коалиција ќе формира работна група од 5 члена која ќе бара итна средба со претставници на Владата на Република Македонија.
5.Во рок од 10 дена, Одборот за спас на Велес од Топилница ќе донесе Акционен план со оперативни мерки за спречување на рестартирањето на топилницата.
6.Одборот за спас на Велес бара од Владата на Република Македонија во рок од 7 дена да даде цврсти гаранции дека нема да дозволи рестартирање на топилницата. Во спротивно, Одборот активно ќе учествува во сите организирани форми на притисок на граѓаните на Велес против рестартирањето на топилницата.
7.Одборот за спас на Велес од Топилница поддржува секаква иницијатива на бизнис секторот со предлози или решенија за искористување на постојната локација на топилницата за економски развој кој не вклучува загадувачки индустрии.
8.Одборот за спас на Велес од Топилница ги повикува претставниците на меѓународната заедница во Република Македонија да ги поддржат граѓаните на Велес во битката за здрава животна средина и да не дозволат рестартирање на топилницата.
9.Одборот за спас на Велес од Топилница ги повикува граѓаните на Велес да ги поддржат сите активности на Одборот и Зелената коалиција за спас на Велес од рестартирањето на топилницата.
Одбор за спас на Велес од Топилница
Заменик- претседател
Кире Василевски
Заменик- претседател
Кире Василевски
(18.06.2008)