МЕТРУДХЕМ поднесе жалба на одлуката за спроведување на Стратегиска оцена за ГУП Топилница
Општина Велес ја започна постапката за спроведување на Стратегиска оцена на планскиот документ Изменување и дополнување на Генерален урбанистички план за град Велес, за дел од УЕ1 УБ 1А и УБ 1Б (Топилница), Општина Велес, плански период 2012-2022 година, согласно Заклучокот на Вонредната седница на Советот на Општина Велес од 03.11.2011г. “Советот да започне постапка за Изменување и дополнување на Генерален Урбанистички План за град Велес, за дел од УЕ 1 УБ 1А и УБ 1Б (Топилница), Општина Велес”.
Дел од постапката е спроведување на Стратегиска оцена на влијанието на измената на планската документација врз животната средина, согласно член 65 од Законот за животната средина.
По извршената анализа, Општина Велес ги определи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за здравство, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Советот на Општина Велес и Одборот за спас на Велес од Топилницата како засегнати органи во постапката и истите поединечно ги консултираше во врска со Одлуката за спроведување на стратегиска оцена.
По пристигнување на мислењата на засегнатите органи, Градоначалникот на Општина Велес донесе Одлука за спроведување на стратегиска оцена, која е објавена на веб страницата на Општината на 11.06.2012г.
Министерството за животна средина и просторно планирање даде позитивно мислење за спроведување на Стратегиска оцена на планскиот документ и ги одобри изготвените документи.
До Министерот за животна средина и просторно планирање, МЕТРУДХЕМ поднесе жалба кон содржината на Одлуката за спроведување на Стратегиска оцена на планскиот документ Изменување и дополнување на Генерален урбанистички план за град Велес, за дел од УЕ1 УБ 1А и УБ 1Б (Топилница), која е во постапка.
Општина Велес ќе продолжи континуирано да ја информира јавноста за понатамошниот тек на постапката за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план за локацијата на која во моментов се наоѓа топилницата.