Промената на Генералниот урбанистички план решение за спас од топилницата
Зелени површини наместо тешка загадувачка индустрија е предложеното решение во планската документација за изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план на Велес и Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина на локацијата на топилницата. Клучните елементи на документите беа презентирани на јавната расправа што се одржа во Општина Велес на 21 декември годинава. Пред присутните претставници на Зелената коалиција, Kоординативното тело за спас од топилницата , инвеститорот и медиумите, извештајот го презентираше Славјанка Андонова Пејчинова од консултантската куќа „Екомозаик“.
„Цел на планскиот документ е да се создадат услови за санација и ревитализација на просторот. Затоа и опфатот на локацијата од 45 ха, во измената и дополнувањето на ГУП се прави со промена на намената на земјиштето од тешка и загадувачка индустрија во зелени површини“, рече Пејчинова која нагласи дека е потребно да се направи демонтажа на целиот индустриски комплекс со вклучување на сите законски мерки на заштита при постапување со опасни материи и да се решат имотно-правните односи со новиот сопственик.
Реакции кај екологистите предизвика Александар Билбилов, претставник на компанијата „Метрудхем“ со изјавата дека сакаат да бидат конструктивен елемент во изнаоѓањето на заедничко решение. „Единствената конструктивност што можете да ја покажете е да ја демонтирате и да ја отстраните инсталацијата од Велес“, рече д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“ и член на Зелената коалиција. „Единствено решение за граѓаните на Велес е топилницата да ја нема. Во спротивно ќе се соочите со 40.000 непријатели“, рече Коциќ. Сопственоста на „Метрудхем“ тој ја спореди со сопственост на мебел во стан. „Во овој случај станот односно земјиштето е во сопственост на Република Македонија“, потенцираше Коциќ кој смета дека 6 години од првичната иницијатива се предлог период за измена на планската документација и конечен спас на велешани од топилницата. Сите заинтересирани граѓани, Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина на локацијата на топилницата можат да го најдат на официјалната веб страница на Општина Велес и своите забелешки и предлози да ги достават најдоцна до 8-ми јануари 2013 година. По усвојувањето, финалната верзија на документите ќе биде доставена до Министерството за транспорт и врски.
