Населени места

Населени места во Општина Велес

1. Башино село
Населбата се наоѓа, речиси, во средишниот дел на територијата на Општина Велес, односно во северниот дел на малото Велешко Поле, недалеку меѓу автопатот и текот на реката Вардар. Ова село има богат историски развиток, а добар дел од неговите жители се населиле во Куманово, кога овој град станал видно централно место, по спојувањето на вардарската со моравската железница во 1888 година. Населбата лежи на на надморска височина од 175 метри. Со оглед на тоа дека Башино Село од градот Велес е оддалечено околу пет километри, тоа припаѓа во руралната зона на ова централно место. Атарот зафаќа простор од 9,6 км2. На него обработливо земјиште зазема површина од 393,5 ха, а на шумите само 0,2 ха. Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работи основно училиште до IV одделение, има пошта, продавници и угостителски објекти. Башино Село е средна по големина населба, со пораст на бројот на популацијата. Населението е воглавно македонско. Дел од неговото активно население учествува во секојдневните миграциони движења кон Велес.

2. Белештевица
Оваа мала населба се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Велес, односно, лоцирана е на севрозападната падина на ридот Гроот, чиј атар се допира до десниот брег на реката Вардар. Селото е рамничарско, на надморска височина од 260 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 10 км. Атарот зафаќа простор од 7,7 км2. На него шумите заземаат површина од 421,8 ха, на пасиштата отпаѓаат 255,8 ха, а на обработливо земјиште 93,8 ха. Белештевица е мала населба, во фаза на целосно раселување.

3. Бузалково
Населбата се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Велес, под јужната падина на ридот Гроот, а во сливното подрачје на реката Тополка. Селото е ридско, а на надморска височина од 500 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 12 км. Атарот зафаќа простор од 10,4 км2. На него пасиштата заземаат површина од 435,8 ха, на обработливо земјиште отпаѓаат 323,3 ха, а на шумите 248 ха. Селото има полјоделско - сточарска функција. Во него работи осумгодишно училиште, има амбуланта, пошта, продавници и споменик за НОБ. Населението во селото е претежно од албанска и турска националност.

4. Ветерско
Населбата се наоѓа на крајниот периферен северен дел на територоијата на Општина Велес, чиј атар се допира со просторот на скопската општина Петровец. Лоцирано е од левата страна на патот Скопје - Велес, којшто води по долината на реката Пчиња, доека од градот Велес селото е оддалечено 16км. Атарот зафаќа простор од 10,7 км2. На него најголема површина заземаат пасиштата од 688,7 ха, на обработливо земјиште отпаѓаат 206,2 ха, а на шумите 115,2 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција. Во селото се наоѓа црквичка „Св.Никола“ која што до почетокот на нашиот век била во урнатини, но не е утврдено точно во кој век била изградена. Селото е многу мало, со само десетина жители од македонска националност.

5. Горно Караслари
Населабата лежи на источната старна од територијата на Општина Велес, недалеку од градот, и во непосредна близина на новата траса на автопатот. Атарот се допира до територијата на Општина Свети Николе. Селото е рамничарско, на надморска височина од 230 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 9 километри. Атарот е заеднички со селото Долно Караслари и зафаќа простор од 19,8 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 987,7 ха, на пасиштата отпаѓаат 882,1 ха, а на шумите само 13,3 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција. Населбата е мала и со мешан етнички состав.

6. Горно Оризари
Населабата се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Велес, во долното сливно подрачје на реката Тополка. Населбата е рамничарска, на надморска височина од 310 метри. Од градот Велес населабата е оддалечена осум километри. Има заеднички атар со селото Долоно Оризари, кој што зафаќа простор од 34,3 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 1.288,9 ха, на пасишта отпаѓаат 1.891,2 ха, а на шумите само 22,2 ха. Во однос на земјоделството, селото има полјоделско-сточарска функција, а добар дел од активното население учествува во дневните индустриски миграции. Во него работи осумгодишно училиште, има амбуланта, пошта, продавници и угостителски објекти и урбанистички план. Населението е со мешан етнички состав, но поголемиот дел се муслиманска вероисповед.

7. Долно Караслари
Населабата се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Велес, непосредно до новата траса на автопатот, недалеку од градот, на оддалеченост од околу девет километри, односно припаѓа на неговата најблиска гравитациона сфера. Селото е рамничарско, на надморска височина од 210 метри. Атарот е заеднички со селото Горно Караслари. Во селото работи основно училиште до IV одделение. Населбата е средна по големина со претежно македонско население.

8. Долно Оризари
Населбата е наполно раселена по 1971, кога броела само двајца жители. Селото се наоѓа до реката Тополка, на територијата на Општина Велес, на надморска височина од 250 метри.

9. Иванковци
Населбата се наоѓа на крајниот северен дел на територијата на Општина Велес, чиј атар се допира со просторот на Општина Свети Николе. Всушност, селото припаѓа на сливното подрачје на Отовица. Тоа е ридска населба, на надморска височина од 480 метри. О централното место Велес е оддалечено околу 20 километри. Иванковци има голем атарод 30 км2. На него најголема површина отпаѓа на обработливото земјиште од 1.615 ха, потоа следат шумите на површина од 740 ха, а пасиштата заземаат 537 ха. Според тоа, Иванковци има мешовита земјоделска функција. Во него работи осумгодишно училиште, има фабрички погон , амбуланта, пошта, продавници, угостителски објекти и земјоделска задруга. Иванковци е голема населба со претежно македонско и српско население.

10. Карабуниште
Оваа населба се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општината Велес, издигната од десната страна на реката Вардар од нејзиниот излез од Таорската Клисура. Селото е ридско, на надморска височина од 500 метри. Атартот зафаќа простор од 12,6 км2. На обработливото земјиште отпаѓаат 69 ха, на пасиштата 39 ха, а на шумите 1106 ха. Селото е раселено и нема жители.
 
11. Крушје
Населабата се наоѓа на крајниот североисточен дел на територијата на Општина Велес, во сливното подрачје на Отовица, чиј атар се допира со просторот на Општината Петровец. Селото е ридско, на надморска височина од 300 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 13 километри. Атарот зафаќа простор од 11,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 762 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 245 ха, а на пасиштата 196 ха. Селото има полједелско-шумарска функција. Крушје е село во фаза на наполно раселување.

12. Кумарино
Населбата се наоѓа на источната страна на територијата на Општина Велес, во сливното подрачје на Отовица, чиј атар се допира со просторот на Општината Лозово. Селато е рамничарско, на надморска височина од 340 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 9 километри. Атартот е мал изафаќа простор од 6,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 420 ха, а на пасиштата отпаѓаат 196 ха. Селото има полјоделска функција. Селото има осумдесетина жители од македонска националност.

13. Лугунци
Населабата се наоѓа во северниот дела на територијата на Општина Велес, во сливното подрачје на реката Отовица. Селото е ридско, на надморска височина од 460 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 17 километри. Атарот зафаќа површина од 11,9 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 665 ха, на шумите отпаѓаат 331 ха, а на пасиштата 118ха. Во основа селото има полјоделска функција. Населбата е мала, но во фаза на раселување. Населението е од македонска нациионалност.

14. Мамутчево
Населбата се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Велес, во сливното подрачје на реката Отовица, а нејзиниот атар се допира со областа Овче Поле. Населбата е рамничарска, на надморска височина од 400 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 10 километри. Атарот зафаќа простор од 10 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 401 ха, на пасиштатата отпаѓаат 526 ха, па затоа селото има полјоделско-сточарска функција. Населението е од македонско етничко потекло.

15. Новачани
Оваа мала населба се наоѓа во северниот дел на територијата на Општината Велес, недалеку од браната на вештачкото езеро Младост. Селото е рамничарско, на надморска височина од 220 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 9 климоетри. Атарот зафаќа простор од 13,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 736 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 426 ха, а на шумите само 36 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција. Селото е во фаза на наполно раселување.

16. Ново Село
Населбата е наполно раселена по 1971, кога броела само двајца жители. Селото лежи на територијата на Општина Велес, на надморска височина од 400 метри. Атарот зафаќа површина од само 1,2 км2.

17. Отовица
Населбата се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Велес, недалеку од вештачкото езеро Младост. Селото е рамничарско, на надморсак височина од 255 метри. Од градот Велес селото е оддалечено околу 8 киломтри. Атарот зафаќа простор од 6,3 км2. На него доминира обработливото земјиште на површина од 407 ха, а на пасиштата отпаѓаат 142 ха. Селото има полјоделска функција. Бројот на населението е во пораст, а во однос на етничкиот состав преовладува македонското население.

18. Ораовец
Населбата се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Велес, во долното сливно подрачје на Бабуна, од нејзината десна страна. Селото е ридско на надморска височина од 460 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 14 километри. Атарот зафаќа простор од 15,3 км2. На него шумите заземаат површиан од 1308 ха, на пасиштата отпаѓаат 939 ха. а на обработливото земјиште 249 ха. Селото има мешовита земјоделска функција. населбата е мала и во фаза на раселување, а има претежно македонско население.

19. Раштани
Населбата се наоѓа во северозападниот дел ан територијата на Општина Велес, во долното сливно подрачје на Тополка, а на северозападната падина ридот Гроот. Селото е рамничарско, на надморска височина од 380 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена неколку километри. Атарот зафаќа простор од 12,1 км2. На него пасиштата заземаат површина од 660 ха, а на обработливото земјиште отпаѓаат 487 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција. Во него работи основно училиште до IV одделение, а има услужни објекти и споменик за НОБ. Населбата е средна по големина и речиси без промени на бројот на населението кое е претежно македонско со мал процент на албанско население.

20. 'Рлевци
Населбата се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Велес, чиј атар се допира со просторот на Скопската котлина. Селото е ридско на надморска височина од 540 метри. Атарот е голем и зафаќа површина од 24,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1934 ха, на обработливото земјиште опаѓаат 385 ха, а на пасиштатат 129 ха. Селото има полјоделско-шумарска функција. Од населбата се иселил дел од населението т.ш. таа преминала од средно во мало село, населено со македонско население, но населбата во фаза на раселување.

21. Рудник
Населбата се наоѓа во Отовичкиот басен, на крајниот северен дел на територијата на Општина Велес. Селото е ридско, на надморска височина од 460 метри. Од градот велес населбата е оддалечена 17 километри. Атарот зафаќа површина од 15 км2. На него шумите заземаат површина од 682 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 417 ха, а на пасиштата 429 ха. Селото има мешовита земјоделска функција. Во селото и околу него имал 12 црквички, но не се знае кога биле изградени тие како храмови. Од оваа населба се иселил голем број од населението и таа е доведена во фаза на раселување. Инаку, населението е претежно македонско со мал дел Срби.

22. Сливник
Населбата се наоѓа на западната страна на територијата на Општина Велес, во средното сливно подрачје на реката Тополка. Селото е ридско на надморска височина од 440 метри. Од градот Велес населбатѕа е оддалечена 10 километри. Има мал атар кој што зафаќа простор од 2,6 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 130 ха, па затоа селото има полјоделска функција. Во него работи основно училиште до IV одделение. Населението е претежно од албанска националност.

23. С'лп
Населбата се наоѓа во северниот дел на територијата на општина Велес, непосредно во долината на Вардар, од десната страна од реката, чиј атар се допира со просторот на Општината Зелениково. Селото е ридско, на надморска височина од 300 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 15 километри. Атарот е голем и зафаќа простор од 27 км2. На него шумите заземаат површина од 1815 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 49 ха. Селото има полјоделско-шумарска функција. Во селото постоела црква „Св.Илија“ за која не се знае кога била подигната, но сега е во урнатини. Во населбата живее македонско население.


24. Сујаклари
Населбатра се наоѓа во североисточниот дел на територијата на општина Велес, недалеку од железничката линија Велес-Штип-Кочани. Селото е рамничарско, на надморска височина од 320 метри. Од градот Велес населбата е оддалешена 12 километри. Атарот зафаќа простор од 14,9 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 924 ха, на пасиштата отпаѓаат 320 ха, а на шумите 152 ха. Селото, во основа, има полјоделска функција. во него работи осумгодишно училиште, има пошта и услужни објекти. Жителите се претежно од македонско етничко потекло и многу мал дел од турско.

25. Сопот
Оваа населба се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Велес, лоцирана до автопатот. Селото е рамничарско, на надморска височина од 230 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 13 километри. Атарот зафаќа простор од 8,7 км2. Нанего обработливото земјиште зафаќа површина од 203 ха, на пасиштата отпаѓаат 262 ха, а на шумите 267 ха. Во основа, селото има полјоделска функција. Во селото се наоѓа манастирска црква „Св.Спас“, која што не е доволно проучена и не се знае од кој век од средновековниот период потекнува. Селото е мало, населено со македонско население, но е во фаза на раселување.

26. Црквино
Населбата се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Велес, од десната страна на реката Бабуна. Селото е ридско, на надморска височина од 340 метри. Од градот Велес населбата е оддалечена 9 километри. Атарот зафаќа простор од 19,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1232 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 371 ха, а на шумите 121 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција. Во него работи основно училиште до IV одделение. Населението е од мешан етнички состав.

27. Чолошево
Наслбата се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина велес, недалеку од градот во северен правец, на оддалеченост од околу 5 километри. Секото е рамничарско, надморска височина од 260 метри. Атарот зазема простор од 6,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 407 ха, а на пасиштата отпаѓаат 142 ха. Селото има полјоделска функција. Во него работи училиште до IV одделение. Населбата е мала со претежно македонско население и мал дел српско.

28. Џидимирци
Населбата се наоѓа во крајниот северен дел на Општина Велес, во Отовичкиот басен, чиј атар се допира со просторот на Општина Петровец. селото е ридско, на надморска височина од 490 метри. Од градот Велес населабата е оддалечена 27 километри. Атарот зазема простор од 14,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина до 893 ха, на пасиштатат отпаѓаат 367 ха, а на обработливото земјиште 124 ха. Селото има мешовита земјоделска функција. Населбата е мала, населена со македонско население и е во фаза на наполно раселување.