Соопштенија
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ - свечено одбележување на јубилејот 50 години постоење и работа на Мировниот Корпус
По повод големиот јубилеј 50 години постоење и работа на Мировниот Корпус ширум светот и 15 години во Република Македонија, Општина Велес и Мировниот Корпус на САД организираат свечено одбележување на јубилејот. Свеченоста ќе се одржи во среда 20 април, 2011 година, со почеток во 11 часот, во Младинскиот парк. Во рамките на настанот, а во пресрет на Велигденските празници ќе се одржи традиционалната манифестација „Велигденско јајце“ посветена на темата „Моите американски пријатели“.
Јубилејот ќе биде одбележан со презентирање на волонтерите на Мировниот корпус, училиштата, здруженијата на граѓани, Вардарскиот плански регион и бизнис секторот на штандови во Младинскиот парк, а присутните ќе имаат можност да пробаат традиционални македонски и американски специјалитети и да ја покажат својата хуманост. Како специјални гости на настанот ќе настапат Венко Серафимов и неговиот бенд од Скопје. Општина Велес и Мировниот Корпус Ве покануваат во име на пријателството и соработката помеѓу нашите народи, со своето присуство да го збогатите одбележувањето на големиот јубилеј на Мировниот Корпус.