Соопштенија

Стартува 9-от Интернационален фолклорен фестивал „Велес“

Од 26 до 30 јуни годинава, Велес ќе биде домаќин на деветото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2012.  На прес конференцијата одржана на 25 јуни,  Томе Јаневски претседател на Организациониот одбор во присуство на членовите на одборот ја објави програмата на фестивалот. „Годинава можам слободно да кажам дека Интернационалниот фолклорен фестивал  „Велес“ ја има најбогатата програма во своето деветгодишно постоење. Од 26 до 30 јуни годинава, во пет фестивалски вечери, вкупно 18 ансамбли од 8 земји: Македонија, Србија, Словенија, Бугарија, Романија, Унгарија, Русија и Малезија ќе го создадат сплетот на фолклорното богатство на народите овде, во центарот на Велес“, рече Јаневски.

Фестивалот ќе започне традиционално со дефиле на учесниците низ улиците на Велес, во вторник (26 јуни) 2012 година, во 19:30 часот.

Веднаш потоа, во 20:30 часот, на сцената во амфитеатарот во Младинскиот парк свечено ќе биде отворено деветото издание на фестивалот со учество на ансамбли од Македонија, Романија, Словенија, Унгарија, Бугарија и Русија.

Петте фестивалски вечери од 26 до 30 јуни ќе се одвиваат во амфитеатарот во Младинскиот парк, со почеток во 20:30 часот со исклучок на завршната фестивалска вечер, во сабота, 30 јуни која ќе започне во 20 часот.

Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одвиваат  во спортската сала „Гемиџии“.

Годинава,  дел од ансамблите од странство ќе настапат  во општините  Свети Николе, Чашка и Кавадарци.

Организациониот одбор упати благодарност до организациите,поединците и медиумите кои го поддржуваат фестивалот и ги покани граѓаните и овојпат да уживаат во фолклорот на народите.