Соопштенија

ФЕСТИВАЛ НА ПИТИ И ВИНО ВО ВЕЛЕС „ПИТИЈАДА 2013”

Питијадата како културна манифестација oваа година се одржува по 10-ти пати. Градоначалникот на Општина Велес денес на пресконференција ги презентираше и ги образложи сите делати во врска со овогодинешната манифестација – Фестивал на пити и вино „Питијада 2013”. Терминот на одржување е од 1-ви до 3-ти ноември. Минатата година за прв пат Питијадата се одржа на просторот пред кафитериите, на улица „Благој Ѓорев“ По барање на угостителите и оваа година ќе биде на истата локација, но со многу подобра организација на просторот што ќе овозможи сите гости и учесници да имаат поглед на бината, да се зачува зеленилото на тротоарите, а во истовреме да се овозможи слободно движење на гостите. 

Интересот за учество на оваа манифестација година е многу поголем како од производители на пити, така и од винарии затоа што питата и виното секогаш одат заедно. До сега има пријавено 25 учесника од Велес и регионот, прозводители на пити и винарии. Учесниците од регионот се винарии од општините од Вардарскиот плански регион. Бројката на учесници сеуште е отворена, а Општина Велес и понатаму е подготвена да обезбеди штанд за секој учесник.
 
Питијадата се организира за да се зачува традицијата, питата како бренд на Велес, а при тоа да се презентира и добра забава за посетителите.

Во музичкиот дел ќе настапат – првата вечер на 1.11 (петок) од 18:00 часот Миле Кузмановски и група „Виртус“, а после 21:00 часот велешките музички групи и естрадни уметници. Овој дел од програмата е во организација на сопствениците на кафулињата на ул. „Благој Ѓорев“.
 
На 2.11. (сабота) во вечерните часови ќе настапи „Црвена јабука“ со целовечерен концерт и неколку домашни групи како вовед во концертот.
 
Општина Велес посебно ја истакнува помошта и соработката на која се наиде кај бизнис секторот во Велес што се вклучи и ја помогна организацијата на Питијадата.
 
Во овој период во Велес ќе се одржуваат и Детските рацинови средби, значи на манифестацијата ќе бидат присутни и посетители од цела Македонија – деца, нивни ментори и родители. Во тој период е и предавањето во употреба на Паркот на пријателството, што значи посета на градот на гости од Република Турција но и од Владата на Република Македонија.
 
Ги покануваме граѓаните на Велес, но и граѓаните на Република Македонија да ја посетат манифестацијата и преку негувањето на традицијата да помогнат во зачувувањето на брендот на Велес.