Соопштенија

КOНЦЕРТ ДУО ПИЈАНО - ГАБРИЕЛА БАЧМАНОВА И ИЛИЈА НАСТОВСКИ

26.08.2014 – 19:30 часот – Ликовен салон

ПРОГРАМА
• Ј.С.Бах, Концерт за два клавира – I став
• М.Клементи, Сонатина за два клавира
• А. Хачатуријан, Валцер
• Л.В. Бетовен, 5-та Симфонија „Судбинска” I став
• А. Дворжак, Словенски танц
• А.Пјацола, Либер танго

 

Габриела Бачманова, пијано
Габриела е истакнат музички педагог, солист и корепетитор. Своето основно музичко образование го стекнала во ООМУ „Киро Димов“, денешно „Стефан Гајдов“.Уште од најрана возраст се истакнува со својот талент, а нејзините настапи не остануваат не забележани како од публиката, така и од музичките педагози што го насочуваат нејзиното образование.
Во Штип, во СМУ „Сергеј Михајлов“ во класата на професор Јасмина Бикова Стојанова, Бачманова го оформува средното музичко образование и за свој инструмент го одбира пијаното. На Државната музичка академија во Софија се здобива со диплома и звање професор по пијано.
Нејзината желба тајните на пијаното и магијата на музиката да ги пренесува на младите генерации е остварена. Таа работи како професор по пијано во ООМУ „Стефан Гајдов“. Паралелно со својата педагошка дејност Габриела настапува на солистички концерти и учествува на бројни семинари за усовршување во професијата.
Исто така континуирано ги подготвува учениците за натпревари од кое секогаш се враќаат со бројни награди и признанија.

Илија Настовски - пијано
Настовски за прв пат со пијаното се среќава во ООМУ”Стефан Гајдов” („Киро Димов“) - Велес. Паралелно стручно се усовршува на двегодишен семинар кај светски познатата пијанистка и претседател на ЕПТА Марчела Крудели од Италија. Средно музичко училиште учи во ДУЦМО”Сергеј Михајлов” - Штип. Уште како средношколец освојува бројни награди и признанија како во Македонија, така и надвор од неа.
Во 2008 год дипломира на ФМУ Скопје , отсек пијано во класата на Евушка Елезовиќ. Во периодот на студирањето остварува неколку семинари, а воедно се стекнува и со сертификат за изведувач на барокна музика - чембалист во класата на проф.Марио Раскин од Франција. Илија посетува семинари по пијано кај професорите Јокуд Михајлович, Рита Кинка, Елена Дикова - корепетиција, Дориан Љељак, Марчела Крудели и Дајана Андерсен.
Илија во текот на студиите покрај солистичката изведба се занимава и со уште неколку музички области: корепетиција, пеење и диригирање,па така и започнува соработката со маестро Алгис Заборас од Литванија и маестро Јануш Пшибилски од Полска каде што дејствува како корепетитор и хорски пеач, а воедно и приватно учи хорско и оркестарско диригирање. До дипломирањето работи како демонстратор на ФМУ, корепетитор по соло пеење, корепетитор и хорски пеач во МОБ и заменик диригент, корепетитор и хорски пеач во академскиот хор “Мирче Ацев”- Скопје.
Во моментов работи како професор по пијано при ООМУ “Стефан Гајдов”- Велес каде со свои ученици има остварено неколку натпревари од државен и меѓународен карактер кои резултираат со освоени високи награди.