Соопштенија
Советот на Општина Велес донесе Одлука зо доделување 9-то Ноемвриски признанија
Советот на Општина Велес донесе Одлука зо доделување 9-то Ноемвриски признанија за:
Спомен-плакети
1. Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново
Јавната здравствена установа Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново освен што располага со современа високо технолошка опрема, располага и со стручен кадар кој остварува импозантен број медицински интервенции што ја вбројуваат во врвот на најуспешни здравствени установи во РМ. Иако дава услуги на голем дел од подрачјето на државава во оваа установа нема долги листи на чекање, а пациентите се многу задоволни од дијагностицирањето и лекувањето. Иако не е установа од примарна здравствена установа во најголем дел дава услуги на жителите од Општина Велес и околните општини, а персоналот во неа се наши сограѓани.
2. Општински ученички дом „Лазар Лазаревски“
Општински ученички дом „Лазар Лазаревски“ во континуитет веќе 60 учебни години е втор дом за учениците што посетуваат настава во велешките училишта. Покрај ова доследни на својата општествена одговорност вработените во оваа установа се домаќини на бројни културни и спортски манифестации чиј носител е Општина Велес.
3. Веле Самак, министер за странски инвестиции во Владата на РМ.
Со негова заслуга германската компанија „Маркарт“ ја отвори фабриката во индустриската зона Караслари во која ќе најдат вработување 600 наши сограѓани. Оваа инвестиција од 25 милиони евра е прва поголема странска инвестиција со која после 20 години се прекинува процесот на затворање и отпочнува процес на отворање фабрики во индустрискиот Велес.
4. Зегин ДОО
Зегин ДОО во мрежата од свои компании ја има и винаријата „Лозар“, еден од најстарите винарски капацитети во РМ со производство на вино од 16 милиони литри годишно. Она што го издвојува Зегин од другите стопански фирми е неговата хумана мисија и општествена одговорност што оваа фирма ја потврди и на неодамнешната „Питијада“ во Велес јавувајќи се како еден од најголемите спонзори.
Благодарници
1. Ленче Здравкин
Ленче Здравкин е наша сограѓанка која од секогаш важела за голем хуманист и добротвор, но нејзината благородна мисија долде најмногу до израз последнава година со експанзијата на бегалците што транзитираат низ нашиот град. Нејзиниот дом стана редовна станица и надеж за бројните мајки со деца, уморни и гладни бегалци, но се повеќе и наши сограѓани што покрај подадена храна добиваат и топол збор на надеж и утеха.
2. Виктор Глигоровски, Стојанче Алексов, Ѓоко Ризински и Мето Димов
Виктор Глигоровски, Стојанче Алексов, Ѓоко Ризински и Мето Димов покажаа дека во Велес има чесни и храбри луѓе подготвени да помогнат во неволја и да му се спротивстават на насилството. Тие на 7 септември спречија оружен грабеж во една менувачница.
3. Зоран Балов
Зоран балов е велешанец што живее и работи во Новогард – Полска. Тој е линкот што го поврза ССОУ „Коле Неделковски“ и училиштето „Станислав Сташица“ но и општините Велес и Новогард.
4. Весна Димитровска Бобевски
Весна Димитровска Бобевски е актерка од велешкиот театар што покрај класичното актерство во матичната куќа и на филм се докажа во областа на пантомимата, режијата но и во откривање на таленти меѓу младите вљубеници во оваа уметност. Со своето филмско остварување „Пресвета Богородице, спаси не“ го афирмираше Велес на бројни фестивали во светот.
Пофалница
1. Марјан Малинов
Марјан Малинов е спортски работник чија пасија е планинарството. Тој покрај што ги има освоено највисоките врвови на Балканот, велешкото знаме го развеа и на 5-те највисоки врвови на „Алпите“ .
Постхумно со спомен-плакета се оддава признание на нашите сограѓани:
1. Д-р Ристо Пејовски
Д-р Ристо Пејовски за основање на Уролошкото одделение во Велес, но и за богатиот политички ангажман што го имаше како пратеник во Собранието на Република Македонија во мандат кога се поставуваа основите на законодавството во нашата држава.
2. Иле Алексиќ
Иле Алексиќ – сопственик на компанијата „Данс“ кој покрај високопрофесионалниот однос во работата беше секогаш тука да врши превоз во хумани цели како за учениците така и за бројни граѓански организации.
3. Д-р Румен Накинов
Д-р Румен Накинов, специјалист по интерна медицина кој целиот свој живот го посвети на усовршување на дејноста со која им помагаше на своите сограѓани. За неговата стручност и посветеност добил бројни признанија, а на овој начин и градот му се заблагодарува за стореното.
Животно дело
Костадин Кирков
Костадин Кирков е роден во Велес во 1942 година како потомок на семејството Киркови и носител на името на неговиот чичко Гемиџијата Костадин Кирков.
По професија виолинист – концерт мајстор вои Љубљана и на Бетовеновиот оркестар во Бон, Германија
Благодарејќи му на Маестро Кирков за Велес, за неговата култура и историја, за трврдокорноста и достоинството на велешани знаат високите уметнички кругови во Германија и Словенија.
Најстудент
Даниела Иванова
Даниела Иванова – студент на трета година на Технолошко металуршкиот факултет во скопје – насока Инженерство на материјали и нанотехнологија. Просек 10.00
Велес е плодна почва која раѓа врвни поединци. Луѓе кои со својот несебичен личен ангажман, стручност, творештво и кереативност даваат неизмерно голем придонес во афирмација на нашиот град. Луѓе чие дело што го оставаат зад себе истовремено претставува гордост и аманет за сите идни генерации. Од името на Советот на Општина Велес на овогодинешните добитници и нивните семејства им ги честитаме признанијата и наградите.