Соопштенија

СООПШТЕНИЕ - ОПШТИНСКИ СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата - Велес по повод Светскиот ден на жртвите, упатува јавен апел до сите учесници во сообраќајот за поголема претпазливост и внимателност.

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата - Велес во неделата која помина го одбележа завршувањето на активностите на досега најголемата кампања за подигање на свеста за заштита на децата во сообраќајот, која ОСБСП во соработка со партнерите ја реализираше во минатиов период.

Овие денови, ОСБСП - Велес се приклучи кон чествувањето на 15-ти ноември, Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди. Го потенцираме големиот број, над 1,2 милиони луѓе кои ширум светот годишно ги губат животите во сообраќајни незгоди.

Болно е да се спомене дека и во РМ, во првите 9 месеци од 2015 г. се случиле 100 сообраќајни незгоди во кои животот го загубиле 113 лица, а 4684 се повредени.

Во истиот период, на патиштата во Општина Велес се случиле 343 сообраќајни незгоди во кои 5 лица го загубиле живот, а 177 биле повредени.

Затоа, во име на сите настрадани и нивните семејства ги повикуваме сите учесници во сообраќајот на доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Со цел намалување на сообраќајните инциденти преку подигање на нивото на сообраќајната свест и одговорност, ОСБСП - Велес во соработка со Општина Велес, МВР Велес и други партнери ќе продолжи да ги поддржува кампањите на Владата на РМ и РСБСП и ќе организира активности со кои ќе се подигне сообраќајната свест.