Соопштенија
Започна распределбата на канти за отпад
Општина Велес за 2016г. набави 1.900 стандардизирани канти за отпад од 120 литри.Од минатата седмица екипите на ЈКП „Дервен“ започнаа со распределба на 1.100 канти за комунален отпад со зелена боја и тоа за жителите и трговските објекти од улиците: „Васил Главинов“, „Гемиџиска“, „Мицко Козар“, „Љубен Весов“, „Кочо Рацин“, „Васа Кошулчева“, „Панко Брашнар“, „АСНОМ“, „Крсте Мисирков“, „Тодор Христов Офицерчето“, „Христо Узунов“, „Васил Ѓоргов“, „Кузман Јосифовски Питу“ и „Димитар Влахов“.
800 жолти канти за отпад од пакување ќе се распределат на домаќинствата и трговските објекти кои минатата година добија зелени канти и ќе ги отпочнат постапките на селекција на отпадот во своите домови. Во текот на акцијата, на граѓаните заедно со кантите за отпад им се делат 2 вида информативни летоци (Упатство за користење на кантите за комунален отпад и Упатство за користење на кантите за селектиран отпад) преку кои граѓаните се информираат за начинот на постапување со садовите, нивните права и должности во постапувањето со отпадот кој го создаваат.Оваа активност се спроведува трета година по ред и во неа заклучно со 2016г. се опфатени 2.180 правни и физички лица.Истовремено, набавени се 10 садови за батерии кои се распределени во шесте клона на ОЈУДГ „Димче Мирчев“, ЈКП „Дервен“, Општа болница Велес, Поликлиника УРЕД. Општина Велес интензивно работи за подигнување на стандардите за управување со отпадот, но ова е процес кој бара време. Продолжуваме со голема мотивација, затоа што граѓаните полека, но сигурно ги прифаќаат промените.
Кога се меша, тоа е ѓубре! Кога се рециклира, тоа е ресурс!