Соопштенија

Соработка со Хабитат за енергетски поефикасен Велес

На 26 март годинава, организацијата „Хабитат-Македонија“ ја одржа првата работилница за подготовка на акциски план за енергетска ефикасност во стамбениот простор.Активноста е дел од проектот  „Енергетска ефикасност на стамбени згради за домаќинства со ниски приходи“.

„Ова е многу важен проект за нас како Општина, затоа што ќе ни даде  јасна слика за енергетската ефикасност на поголем број на станбените објекти, а тоа индиректно може да влијае на подобрувањето на семејниот буџет“, рече Коцевски. Тој упати благодарност до „Хабитат-Македонија“ и УСАИД за поддршката и учеството на Велес во овој значаен проект.

Во присуство на претставници на заедниците на станари, граѓанскиот, бизнис  секторот и институциите, активностите на проектот и резултатите од досегашните истражувања ги презентираа Лилјана Алчева, заменик-директор на Програмата на „Хабитат-Македонија“ и Венди Аџиева, раководител на програма.

Регистерот на стамбени згради опфатени со проектот вклучува 254 згради. Според податоците од истражувањето со анкетирање на 10% од вкупниот број на домаќинства, 88% од нив користат електрична енергија во грејната сезона, 8% користат огревно дрво, а само 1% се греат на пелети. 89% од зградите немаат термофасада. 74% од зградите веќе направиле замена на околу 30% од прозорците, а само 5% ги имаат применето сите мерки за енергетска ефикасност.

Целта на проектот е изработка на Акциски план, обнова на стамбениот фонд и пристап до финансии. Проектот е регионален и покрај Македонија вклучени се Ерменија и БиХ. Со примената на мерките за енергетска ефикасност граѓаните истовремено можат да заштедат сретства во домашниот буџет и да придонесат за заштитата на животната средина.