антика
Антика
Страница 3 од 4
За економската и културната кулминација што Стоби ја доживеал во раноцарскиот и средноцарскиот период ни сведочат монументалните и раскошни градби кои во овој период биле подигнати, театарот, Градската порта, објектот Каза Романа, објектот под внатрешниот бедем и други градби чии делови се откопани или пак лежат сеуште под земјата.
Уште во раноцарскиот период, водоводот, бањите (јавни и приватни), градските чешми, влегуваат во конфорот на граѓаните на Стоби.
Значајната еврејска заедница во овој период подига Синагога, а од религиозните пагански светилишта за чии култови дознавме преку многуте скулптури и релјефи, досега е откриен само храмот на Немеза во Театарот.
Силната градежна дејност што започнала за време на тетрархијата, му го дале монументалниот изглед на градот. На овој доцноримски град од ИВ и В век му припаѓаат повеќето откриени градби. Градот добил нова планска основа со улици меѓу кои се формирале инсули со неправилна форма. Од објектите за живеење тука би припаѓале т.н. куќи на Партениус, на Полихармос, Перистериј, Теодосијанската палата, Епископската резиденција, куќата на ткајачот и др.
Христијанството по своја прилика рано дошло во Стоби, но сигурни докази имаме од времето на верскиот мир по 313 год. Градот бил епископско седиште, ако не порано, тогаш барем од 325 год. кога стобскиот епископ Будиус учествувале во Никеја на првиот црковен собор. За подоцнежните епископи, сведочења наоѓаме во документите на тогашните црковни собори и на натписите во Епископската базилика.