великаните

Личности што го обележиле Велес


 

Андреја Дамјанов
(1813 - 1878)


Андреја ДамјановЕден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот. Роден е во село Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот. Неговата градителска умешност била забележана и во Европа, особено од патеписците кои Андреја го споменуваат како вреден и ценет мајстор. Неговите цркви се сметаат за бисери на сакралната архитектура на Балканот. При изградбата на црквите кои ги решавал како тробродни базилики со полуцилиндречни сводови, Дамјанов особено внимавал на акустиката во ентериерот на црквата како и на декортивните елементи на столбовите кои се белег на неговите градби. За негова најубава и неповторлива градба се смета соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес, изграден во 1840 година. Дамјанов е градител на црквата во манастирот “Св. Јоким Осоговски“ кај Крива Паланка како и на црквите „Св. Богородица“ во Ново Село, штипско и „Св. Архангел Михаил “ во Чичево. Во Србија ги изградил црквите „Св. Илија“ во Печењевац, „Св. Ѓорги“ во Смедерево, соборната црква во Ниш како и соборната црква во Сарево. Тој ја завршува и градбата на црквата во Мостар. Андреја Дамјанов се смета за ненадминлив градител на сакралани објекти? на Балканот.
 
  
Јордан Хаџи-Константинов Џинот
(1820 - 1882)


Јордан Хаџи Константинов  -  Џинот Роден е кон крајот на 1821 или на почетокот на 1822 година, во Велес на Прцорек, на левата страна на Вардар. По завршувањето на ќелијните школи во родниот град, Јордан своето школување го продолжил во Самоков и Солун. Работата како учител во Велес ја започнува во 1838 година кога отпочнува со реализирање на идејата за воведување на народен јазик во училиштата. Во 1848 година заминал на работа како учител во Скопје каде останал 10 години. Интензивно работел на организирање приредби и училишни претстави, соработувал со “Цариградски весник”, ги интензивирал врските и преписките со разни културни установи особено во Русија. Неговата развиена просветителска дејност предизвикала прогони од власта и губење на работата. Учителствувал и во Прилеп, а од Западна Македонија собирал стари книжевно-историски документи. Од 1860-1866 година бил прогонет во Мала Азија каде го изгубил едното око. Сите години по враќањето ги поминал во родниот Велес. Умрел на 29 август 1882 година. Неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата “Св.Спас”.

Јордан Хаџи-Константинов Џинот четири децении работел на воведување на просвета на народен јазик како писател и сестран творец од областа на културата. Прво дело му е “Таблица перваја” внесена во употреба во 1845 година. Составил две збирки афоризми. Во првата збирка сите афоризми почнуваат со зборот “човек”, а втората содржи 34 мисли за човекот, животот и светот. Џинот две децении пишувал стихови за одредени поводи и потреби. Во нив ги воспевал образованието, просветата, убавината, слободата, патриотските чувства и сопствената биографија. Негови дела се: “Плач на скопското училиште многотрудное”; “Дионис Вакхо”; “Труд ми е името”; “Рај божји”; “Аврора”; “Крај реката Вардар” и “Горка чаша кнеза Лазара последна тајна вечера”. Драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност.? Нив ги изведувале неговите ученици со Скопското училиште. Тоа се “Миневра и девет музи”, “Разговор или прави человек”, “Училиште и учение”, “Басна”, “Сербија шетаетсја в земел своих”. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во “Цариградски вестник”. Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби и лексички материјал. Намерата да издаде повеќе јазичен речник не успеал да ја реализира.
 
Рајко Жинзифов
(1839 - 1877)


Рајко ЖинзифовРајко Жинзифов е водечки македонски писател од втората половина на XIX век. Роден е на 15.02.1839 година во Велес во семејство на погрчени власи како Ксенофон Ѕинѕиф. Татко му Јоен Ѕинѕиф завршил медицина во Атина, но работел како учител. Вљубеник во елинистичката култура и својот син го запишал во грчкото училиште во Велес каде паралелно учел и словенско писмо. Во 1856 година младиот Жинзифов веќе работел како учител во Прилеп, како помошник на Димитрија Миладинов. Поттикнат од него во 1858 година заминува на школување во Одеса - Русија. Под влијание на својот воспитувач - преродбеник своето име Ксенофон го заменува со Рајко. Една година подоцна заминал за Москва на историско-филолошкиот факултет. Својата преродбеничка идеја и книжевна работа ја изразил како уредник на литературното списание “Братски труд” и член на истоимената студентска дружина. Објавил 19 песни на македонски јазик и прилози за Македонија.
Во 1863 година Жинзифов бележи богата поетска и публицистичка дејност. Две години подоцна ја напишал поемата “Крвава кошуља”. До крајот на својот живот напишал бројни статии посветени на својата идеја обединување на словените. Починал на својот роденден 1877 година во Москва. Неговиот книжевен опус од четириесетина стихови, еден прозен состав и многу политички, историски и книжевни статии, преводи и собрано народно творештво е многу значаен, особено поради користењето на велешкиот дијалект како основа на јазикот на кој се изразувал. Прозниот состав “Прошедба” е прв чекор за создавање македонска, уметничка проза.

Константин Петкович
(1826 - 1897)


Константин Петкович е роден во Башино Село во 1826 година. Дипломирал славистика на Петроградскиот универзитет во 1851 година. Најголемиот дел од животот го поминал во дипломатските служби во Царска Русија. Бил секретар на Рускиот конзул во Видин и конзул на Дубровник и Бејрут. Пропатувал многу градови и земји, кои имаат влијание врз неговата работа и дејност. Прва напишана песна на Константин Петкович е “Момина клјетва” а потоа и песната “Сон Султана”. Тој е првиот преведувач од словенечки и чешки, романски и српски јазик. Истакнат е како публицист, славист - филолог и патописец.

Андреја Петкович
(1837 - 1897)


Андреја Петкович е роден во Башино Село и како помлад брат на Константин во многу нешта ги следи неговите стапки. Се школувал во Одеса и Петроград во Русија. По завршувањето на студиите се занимава со дипломатска служба, публицистичка и преведувачка дејност. Во “Цариградски вестник” ја објавил својата позната песна “Глас од далека земја”. Во “Слово изгласено в велешкото училиште” се наоѓаат неговите биографски податоци, мисли за просветата и културата на Македонија и перспективи за национално будење и осознавање. Идејата на Петкович е словенско општество што треба да го замени грчкото.

Петар Поп АрсовПетар Поп Арсов
(1868 - 1941)


 Петар Поп Арсов е македонски револуционер, основоположник на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК на ТМОРО, задграничен претставник на организацијата, автор на нејзиниот прв Устав и автор на познатата публикација “Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници”.
Роден е во Богомила во август 1868 година. Учел во Велес, Солун и Белград. Во Софија студирал на филозофско-историскиот факултет заедно со бројна македонска интелигенција: Даме Груев, Крсте Мисирков, а подоцна и со Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Меѓу нив во 1892 година созреала идејата за создавање “Млада македонска книжевна дружина” која го издавала списанието “Лоза”. Нивна задача била да ја негуваат, развиваат и усовршуваат македонската национална мисла. Набрзо, заради својата активност Петар Поп Арсов е протеран од Бугарија. Во 1893 година во Солун ги поставува темелите на ВМРО.

 
Гемиџии

Под влијание на нихилистичко-анархистичките идеи кон крајот на 19 век се формирал тн. Гемиџиски кружок. Иако не сакале да остават трага од себе, но сепак ќе ги набележиме нивните имиња: Јордан Попјорданов-Орцето - раководител на кружокот, Димитар Мечев, Илија Грков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, сите од Велес и Павле Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид.
На 28 април 1903 година Гемиџиите ја извршиле својата прва акција - напад на бродот “Гвадилкивир” во Солунското пристаниште. Следниот ден се прекинати цевките на гасоводната инсталација во градот, нападот на Отоманската банка и Австроунгарската пошта во Солун. Последната акција, диверзија на телеграфската станица, извршена на 1 мај 1903 година. Најголемиот дел од Гемиџиите загинале во акциите или си го одзеле животот. Останале живи Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков.
 
Јован Наумов - Алабакот
(1870 - 1907)


Потекнува од Ораовец, велешко. Роден е во 1870 година. Во текот на 1901 и 1902 година бил активно вклучен во ТМОРО во Одринско. За време на Илинденското востание, начелството на крушевскиот востанички реон му го доверил под команда вториот крушевски одред со 60 востаници. Учествувал во најтешките востанички акции. Загинал во борба со турскиот аскер во кичевско.

Димитрија Чуповски
(1870 - 1940)

Димитрија Чуповски е роден во Папрадиште (село во тогашна велешка општина), како посмртно дете на Димо Чуповски, во 1878 година. Во Софија, каде го учел молерскиот занает, го посетувал вечерното училиште за Македонци. Тука ги научил основите на Национално ослободителната борба од Крсте Мисирков. Во периодот од 1893 - 1895 година престојувал во Белград каде активно се вклучил во друштвото на македонските студенти “Вардар”. Во 1898 година заминал за Русија каде со кратки прекини претстојувал до крајот на животот. Умрел во 1940 година во Ленинград, а неговите посмртни останки во 1991 година се донесени и јавно изложени во Велес. Денес посмртните останки се наоѓаат во црквата „„Св.Спас“ во Скопје.
Неговата долгогодишна дејност е насочена кон независност на Македонија, нејзино национално осознавање и осамостојување. Тој бил претседател на македонското научно-литературно другарство, издавач на списанието “Македонски глас”. Неговите јавни настапи и објавени статии го издвојуваат како најистакнат претставник на македонската национална мисла.

Димитар Матов
(1864 - 1896)


Една од помалку познатите, а многу значајна личност кои го обележиле Велес, е Димитар Матов. Роден е на 15 мај 1864 година во старо градско семејство. Гимназија и универзитетско образование оформил во Русија. Во 1883 година станал професор по литература во Солунската машка гимназија. Негови литературни дела се песните “Македонија” и “Сурвакана на 1881 година”. Во нив ја истакнува својата приврзаност за автономна Македонија. Подоцна литературната дејност ја заменува со научната и заминал на стручно усовршување во Виена и Лајпциг. Се занимавал со собирање на фолклористички материјал од Велес и велешко, печател студии од областа на јазикот и фолклорот.
Ѓошо Бојаџиев
(1848 - 1878)


Роден е во учителско семјество, а и самиот бил учител. Краткиот животен век го поминал во родниот Велес. Најголема љубов му било народното творештво. Тој подготвил зборник со 128 народни песни и во 1874 година го испратил на “Бугарско книжевно друштво” во Браила, каде е примен за негов дописен член. До денес, зборникот не е пронајден. Во “Периодическо списание” и во “Спорник на народни умотворби, наука и книжнина” е објавена негова пообемна збирка од песни, поговорки, пословици, гатанки, басни, верувања и приказни.

Иван Крајничанец
(1869 - 1942)


Иван Крајничанец е роден на 2.02. 1869 година. За својот живот и работа оставил? автобиографија. Негов учител бил Глигор Прличев. Во 1891 година и самиот станува учител во Велес. Подоцна школувањето го продолжува во Лозана, каде завршува фармација. Од 1906 година се населува со семејството во Прилеп каде останува до крајот на животот. Негова најголема опсесија е собирањето народни умотворби. Иста така неуморно се занимава со преведувачка дејност.

Васил Главинов
(1869 - 1929)


Васил ГлавиновПојавата на социјалистичкото учење во Велес, но и во Македонија ја претставува Васил Главинов. Роден е во Велес во 1869 година. Основно образование стекнал во училиштето на Јордан Хаџи Константинов-Џинот по што го изучувал столарско-дрводелскиот занает. Потоа заминал на печалба за Бугарија. Социјалистичките идеи ги стекнал во софиското работничко друштво “Братство”. Длабоко инволвиран во социјалистичката мисла, ова учење го ширел меѓу македонската емиграција во Бугарија и образувал македонска социјалистичка организација во која членувале Петар Русински, Никола Карев, Венко Марков и други Македонци. Прогонуван од бугарските социјалисти во 1894 година се вратил во Велес каде го основал “Читалиштето” кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија. Социјалистичката литература пласирана во “Читалиштето” овозможила многу млади луѓе да добијат социјалистичка ориентација. По овој пример се организирани слични друштва во другите градови на Македонија кои биле организатори на бројните работнички штрајкови.
Во 1895 година македонската социјалистичка група на Васил Главинов го издала првото гласило “Револуција” а во 1898 година и весникот “Политическа свобода”.
Односот кон револуционерното движење социјалистите го гледале тргнувајќи од становиште дека без национално ослободување нема ни економска слобода и затоа биле многу блиски до ориентацијата на ТМОРО. Во 1900 година се вклучиле во нејзините редови и активно учествувале во револуционерното движење.
На 3 јули 1900 година се одржала првата социјалистичка конференција во Македонија, а на Балканската социјал-демократска конференција во Белград, во јануари 1910 година активно учествувале Васил Главинов, Стојан Дивлев. Во Солун, кон крајот на истата година била основана Отоманска социјал-демократска партија.

 
Алексо Мартулков
(1878 - 1965)

Мартулков е политички работник кој им припаѓа на македонските социјалисти од групата на Васил Главинов. Ги ширел социјалистичките идеи во Македонија. По првата светска војна емигрирал во Бугарија. Бил приврзаник на? ВМРО (Обединета) и народен пратеник на македонското прогресивно движење во бугарското собрание. Бил уредник на весникот „Македонско знаме”. Починал во Софија во 1965 година.

Милан Војницалија
(1874 - 1939)


Милан Војницалија потекнува од богато трговско семејство. Сопственик е на хотелот “Белград”, главно сврталиште на младите писатели и музичари. Активно учествувал во Илинденската епопеја и во борбата на македонскиот народ за остварување на своите национални и социјални права. Во 1908 година ги напишал своите први стихови. Отворено го поставува прашањето и ја нагласува потребата од издавање граматика на македонскиот јазик.
Во 1937 година, осиромашен и разочаран заминал за Софија. Напишал 42 песни и 5 поеми со над 2.500 стихови на 189 страници кои останале необјавени. Темата на неговата поезија е патриотска, социјална, рефлексивна и љубовна. Членовите на македонскиот литературен кружок во Софија, во некрологот за објавување на неговата смрт напишале: “Ноќеска во 1 часот почина македонскиот поет Милан Ѓорев Војницалија од Велес”.

Андон Шулев
(1874 - 1956)


Андон Шулев е еден од најистакнатите пропагатори на социјалистичките идеи во Македонија. Студирал право во Швајцарија каде се запознај со истакнати руски револуционери меѓу кои и со Ленин. Бил член на Македонската социјалдемократска група во Софија. Работел на обединување на националноослободителното и? социјалистичкото движење што посебно доаѓа до израз во Илинденското востание.
Петар Михов
( _ - 1902 )


Петар Михов бил учител и директор на Гимназијата во Велес. Бил учесник во македонското ослободително движење уште во првите години по формирањето на ТМОРО. Во април 1902 година е одведен во скопскиот затвор – Куршумли-ан, каде што е најден убиен.

Кочо Рацин
(1908 - 1943)


Коста Солев РацинОсновоположникот на македонската литература Кочо Солев Рацин, роден е во Велес на 20 декември 1908 година во семејството на Марија и Апостол Солеви. Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во грнчарската работилница на татко му, во 1918 година го напушта редовното школување, но не и конечна разделба со книгата и учењето. Продолжува да се самообразува. Како член на СКОЈ и КПЈ, во 1928 година учествува во работата на IV Конгрес на партијата во Дрезден. Од истата година датира неговата младешка љубов кон Рахилка Фирфова која го инспирира да ги напише своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката “Антологија на болката” останата во ракопис. Есента истата година ги објавил своите први стихови напишани на српско-хрватски јазик “Синови глади” и “Резултат”. Во 1930 година во сараевското списание “Снага” ги објавил песните “Из фабрике”, “У предвечерје”, “Челичном строју” и “Бити човек”. Во периодот околу 1931 година го започнува својот роман “Афион” од кого се сочувани само фрагменти. Во загребската “Литература” во 1932 година го објавува есејот “Хегел”. Соработувал со студентите на Филозофскиот факултет и работничката младина во Скопје и со нив заедно го издал поетскиот зборник “1932” во кој е објавена една од неговите најсилни песни “Ватромет”.
Времето поминато во затворот во Сремска Митровица (1934-1936) за него всушност претставува универзитетско и национално образование. Од дружењето со затворениците Моша Пијаде, Родољуб Чолаковиќ, Огњан Прица и др. меѓу другото научил и дека најважно и најдобро е да пишува на мајчин македонски јазик. Песната “До еден работник”, прва на македонски, ја објавил во загребското списание “Књижевник”.
Во 1939 година во Самобор близу Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер ја печати стихозбирката “Бели Мугри” во 4.000 примероци и ја растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија. Пред војната еден период работи во Софија и живее заедно со својот сограѓанин и истомисленик Коле Неделковски.
Во 1943 година се враќа во Скопје и во пролетта заминува во партизани, во одредот “Кораб”. Станува уредник на партизанскиот весник “Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народни песни. Трагично, под сеуште неразјаснети околности загинал на планината Лопушник на 13 јуни 1943 година.
Остана да го паметиме како поет, раскажувач, романсиер, преведувач, есеист, публицист, критичар, историчар, фолклорист, филозоф, револуционер и космопилот. Неговата личност и дела се глас, свест, традиција, симбол и препознавање на целиот македонски народ.

Коле Неделковски
(1912 - 1941)

Коле НеделковскиПериодот меѓу двете светски војни со својата творечка дејност го обележува и Коле Неделковски. Роден е на 16 декември 1912 година во с.Војница, во сиромашно земјоделско семејство. Како ученик најпрво во велешката гимназија, а потоа во трговското училиште во Скопје започнал да пишува поезија. Неговиот чичко Илија Војницалија и самиот поет со богата домашна библиотека му овозможил да ги открие тајните на творештвото и да му ја всади љубовта кон литературата. Социјалниот статус што го имал, неправдите што ги чувствува врз себе, трајно го определиле на страната на напредното синдикално движење.
Во 1933 година пристигнува во Софија како емигрант. Во 1938 година на страниците на “Илустрација Илинден” објавена е неговата прва песна “Стојан војвода” (“Стојан на Ордановци”). Една година подоцна во македонскиот книжевен кружок другарува со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други познати македонски револуционерно-книжевни дејци. Кој крајот на 1939 година ја издава својата прва стихозбирка “М'лскавици”, со која го поддржува трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски литературен јазик. Во 1940 година станува член на диверзантска група “Млади антифашистички борци”. Во август 1941 година излегува од печат неговата втора книга “Пеш по светот”. Десет дена подоцна, на 2 септември 1941 година полицијата го разоткрива и го фрла од прозорецот на неговиот стан во Софија, на ул.”Генерал Паренцов” бр.16.

Ганчо Хаџи Панзов
(1900 - 1936)


Роден е во едно од најбогатите велешки семејства. Како ученик активно се вклучил во револуционерното движење на Велес поради што во 1922 година бил исклучен од велешката гимназија. Школувањето го продолжил во Скопје каде покрај револуционерната работа се вклучил во работата на литературните дружини и е еден од основачите на весникот “Искра”. Во 1923 година заминал за Париз, од каде во 1936 година се приклучил на интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна. Трагично загинал на 19 септември 1936 година, а некрологот со негова фотографија бил напечатен на многу јазици и се растурал низ светот како пример на неустрашливост и херојство.
Творечките резултати на Ганчо Хаџи Панзов се поврзани со перидот на неговиот престој во Париз. Пишувал на француски јазик, а од неговото творештво сочувана е поемата “Ќе се вратам” и неколку песни.

Ризо Ризов
(1878-1956 )

Ризо Ризов е е пример на доследен борец за правата на македонскиот народ. Бил учител во Велес, близок соработник на Гоце Делчев и организатор на ВМРО. Идејно и припаѓал на групата социјалисти. Тој е еден од основачите на Народната федерална партија и ВМРО (Обединета). Кон крајот на 1926 година поради болест ја напушта Виена и заминува за Советскиот Сојуз. Во 1945 год. се враќа во Македонија.

Панко Брашнар
(1883 - 1951)


Панко БрашнарРоден е во Велес во 1883 година. Образованието го започнал во родниот град. По завршување на прогимназијата штколувањето го продолжил во Педагошкото училиште во Скопје. Учителствувањето го започнал во кумановските села каде отпочнал да ги шири првите револуционерни идеи. Уште пред Првата светка војна Панко Брашнаров учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес, соработува во органот на Васил Главинов „ класно сознание “. Во 1919 е член во Социјалистичката работничка партија ( комунисти). Во време на историските збиднувања од Илинден, Уриетот 1908 г. и Балканските војни, низ мачните искушенија во еден од најтешките периоди од историјата на македонскиот народ, тој стапува во одбрана на интересите на народот. Трагичните последици од поделбата на Македонија не го разочаруваат : во 1920 г. тој е раководен партиски кадар, делегат е од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. е учесник на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена; член е на Централниот комитет на ВМРО (Об.).
Илинденецот, комунистот, членот на ЦК на ВМРО (Об.),партизанот Панко Брашнаров е избран за народен пратеник на Првото заседание на АСНОМ, за негов прв претседавач, за потпретседател на АСНОМ и претставникна АСНОМ за член на АВНОЈ.
По неколкуте години живот и работа во Штотуку организираната држава, Панко Брашнар е затворен како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информ бирото, казнет е како непријател на власта и испратен во злогласниот логор на Голи Оток каде на 13јули 1951 година умира.

Бане Андреев - Ронката
(1905 - 1980)


Роден е во Велес во 1905 г. во сиромашно семејство. По завршувањето на гимназиското образование тој е веќе раководител на СКОЈ ( во 1926 г. е избран за член на ЦК на СКОЈ ). За илегална партиска дејност во 1927 год. е затворен. Како студент во Белград работи во реонскиот комитет на КПЈ, во месниот комитет на КПЈ ( заедно со Алесандар Ранковиќ ), а во 1929 год. е затворен и осуден на 15 години затвор. Се до 1941 год. Бане Андреев е на робија во Сремска Митровица, заедно со познати партиски раководители. Во затворот се здобил со пошироко марксистичко образование, се занимава со публицистичка дејност. по излегувањето од робија се вклучува во партиската работа во Македонија, зазема раководни партиски должности: во еден период е секретар на ПК КПМ, а од 1943г. е член на Политбирото на ЦК КПМ. Во 1943 г. е затворен и интерниран во Бугарија. Зазема раководни должности во текот на НОВ: Член на Главниот штаб на НОВ И ПОЈ на Македонија. На Првото заседание на АСНОМ во 1944 г. има реферат за развојот на НОБ и задачите на НОП во Македонија. Во 1945 г. е избран во Владата на ДФРЈ, како министер за рударство.
Бане Андреев и по партиските и по државните функции бил во самиот врв на раководните структури во борбата за освојување на власта и непосредно по нејзиното освојување. Тој е еден од блиските соработници на Тито и Ранковиќ, еден од организаторите и раководителите на НОБ во Македонија. Личност што била во текот на сите основни движења во ослободителната борба во Македонија и која непосредно учествувала во нив.
Непосредно по појавата на Резолуцијата на Информбирото Бане Андреев имал критички став кон политиката на партиското и државното раководство. Неговите искажувања во тоа време се засновале врз поставките изнесени во Резолуцијата или се поврзувале со нив. Ова придонело трајно да биде одстранет од власта. Умрел во Белград, анонимно, тивко, заборавен од сите во 1980 г.

Петре Прличко
(1907-1995)


Петре ПрличкоНајголемиот меѓу актерите во историјата на македонската театарска и филмска уметност. Роден е во Велес како Перица Алексиќ во 1907 година. Магијата на театарот го обзема во 1923 година кога во Велес пристигнува патувачкиот театар на Мијхало Лазиќ. Оттогаш Петре Прличко сиот свој живот ќе и го посвети на театарската уметност. Со неверојатна желба да стане дел од тој магичен свет на многу реалности, својата седумдецениска театарска приказна ќе ја започне токму со патувачките театри за подоцна во 1930 година, да го основа сопствениот театар „Плава Птица“ или како што подоцна ќе го нарече „Боем“. Првиот професионален ангажман го добива во 1940 година во Народно Позориште „Краљ Александар I“ во Белград. Од тогаш па се до крајот на својот живот одиграл 500 претстави, 50-на улоги во патувачки театри, 80 драмски рољи и две оперетски. Петре Прличко го освои и светот на филмот, почнувајќи од првиот македонски филм „Фросина“ до незаборавната улога на Манданата во филмот „Мис Стон“. Играше во вкупно педесетина филмски и двесетина телевизиски улоги. Почина во 1995, во 88 година од животот. Неговиот роден Велес покрена иницијатива за изградба на споменик во месноста Којник каде започна најголемата театрска животна приказнa во Македонија.