институции

Институции од културата


Народен музеј

Објектот со специфична градска архитектура што го краси центарот на Велес, е седиште на велешката историја и култура. Овој прв повоен музеј во Македонија е отворен во далечната 1946 година. Сите посетители секој ден од 8-12 и од 16 до 20 часот имаат можност да ги видат вредните експонати изложени во археолошкото, историското, етнолошкото и одделението за историја на уметноста. Музејот располага со околу 3000 експонати од кои во постановките се изложени 1000. Особен интерес привлекува етнолошкото одделение каде се изложени раскошни градски и селски носии како и ентериери уредени според старата велешка архитектура. Интерес привлекуваат и останатите поставки, особено археолошкото одделение кое изобилува со експонати пронајдени на археолошките локалитети во регионот на Велес. Народниот музеј располага и со три спомен куќи, меморијален комплекс во село Горно Врановци и спомен костурница. Во рамките на стратегијата за развој музејот предвидува отворање и на палеонтолошко одделение во кое ќе бидат конзервирани експонати од времето на палеолитот со кои изобилува регионот на Велес.