манифестации

Културни манифестации

Меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби“

Од 1964 година, Велес е домаќин на поетите од Балканот кои, во родниот град на основоположникот на современата македонска поезија и литература Кочо Рацин, го слават битот на поетскиот збор. Покрај презентацијата на поетското творештво во рамките на манифестацијата „Рацинови Средби“ се одржуваат и научни собири посветени на животот и творештвото на Рацин. На манифестацијата традицинално се доделува Рациново призние за најуспешно литературно остварување помеѓу две манифестации како и почесното Рациново признание кое се доделува за научни трудови, преводи и други дела посветени на творештвото на Кочо Рацин. Секоја година манифестацијата се збогатува со разни содржини како настапи на истакнти музички уметници, изложби, саеми на книги. На нив учествуваат музичари и групи од Македонија и од соседството.



Мегународен фестивал на античка драма „Стоби“


Со цел да се зачува традицијата на античкиот театар, со изведба на антички театарски текстови на древната сцена во Стоби, од 1992 година, на иницијатива на актерите при велешкиот театар, во летните периоди се оддржуваат претстави во античкиот амфитеатар. Од 2001 година оваа традиција прерасна во Меѓународен фестивал на античка драма, која секоја година привлекува се поголем број на театарски уметници од светот. Фестивалот е атракција не само за велешани, туку и за љубителите на театарот од целата држава за што сведочи огромниот број на посетители кој се движи од 2500 до 3000 по претстава. На фестивалот традиционално се доделува наградата за најдобра претстава, наградата за режија како и наградите најдобри актери. Древната сцена во Стоби е особено привлечна за театарските уметници поради можноста за креација на вистински спектакли во древниот амбиент на античкиот амфитеатар и оживување на текстовите на Софокле, Аристофан, Еврипид и други антички автори.



Меѓународен фолкорен фестивал „Велес“

Долгата традиција на негување на македонскиот фолклор во Велес ги поттикна културните работници да го основаат Меѓународен фолклорен фестивал „Велес“. Првото издание на фестивалот се одржа во 2004 година со учество на фолклорни ансамбли од Македонија, Република Бугарија, Словенија, Србија и Црна Гора. Фестивлот го привлече интересот на јавноста со богатиот фолклорен колорит на народите и убавината на народното музичко творештво што фолклорните ансмбли ги презентираат на повеќе локации во градот. Особено внимание кај посетителите привлекува дефилето на учесниците на фестивалот низ велешките улици.


Сликарска колонија „Еко-Арт“ Велес

Од 1998 година, на иницијатива на домот на културата во Велес, во живописните предели на село Горно Врановци, традиционално се одржува меѓународната сликарска колонија „Еко арт“. Оваа меѓународна ликовна мнифестација е поттикната од желбата на уметниците да помогнат во решавањето на еколошките проблеми на велешани. Учесниците на колонијата имаат можност во услови на крактеристични природни амбиенти да создаваат дела со длабока еколошка порака, вградувајќи во нив елементи од непосредниот урбан и природен амбиент на градот и околината. Колонијата го привлекува интересот на голем број уметници од Балканот и пошироко чии дела се изложуваат на постановка посветена на делата создадени на оваа сликарска колонија.