етнологија

Етнологија

Фолклорни ансамбли

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век Велес звукот на Велес го создаваше славната чалгија. Составена од надарени музичари, славните велешки чалгаџии како Јован Тончов, кој свирел на дајре, Ордан Канонџијата и Никола Крле на кларинет подоцна на виолина, Јован Тончов на кларинет, Ванчо Бочвар на виолина, Ристо Трипчев на флаута, Исмаил на дајре и Ало Тончов на кемане. Членовите на музичкиот состав кој имале среќа за свој учител да го имаат виолинистот Арсо кеманџијата во 1902 година успеале да го воодушеват султанот во Стамбол. Тие зад себе оставија музички легенди чија изведба и денеска се слуша со почит и респект. За чалгијата на Ало Тончов, последниот од најпознатите чалгаџии во чии раце се наоѓала виолината и кемането, велешани сеуште раскажуваат. Вистинска убавина за очите и ушите биле настапите на овие ненадминливи мајстори без кои не започнувала свадба во градот. Кога на музиката и познатите ора како Рамно и тешко велешко, Калајџиско, Башиноселско, Елбасанско оро, Кавадарка и други ќе заиграле убавите и надарени велешки моми и ергени, свадбите и славите биле вистински свечености во градот. Чалгијата во овој период била составен дел на секоја семејна веселба или јавна манифестација. Традицијата денеска ја продолжуваат музичарите во фолклорните анасмбли.

Ансамбл „Распеани Велешани“
Ансамблот „Распеани Велешани“ е основан во 1971 година. Пеачката група на ансамблот денеска брои 30 активни членови, а музичката група-чалгијата, шестмина. Ансамблот ја негува староградската песна од Велес и велешко, како и од повеќе региони на Република Македонија. Музичката група на ансамблот свири на оригинални инструменти меѓу кои преовладуваат кларинет, виолина, дајре, џумбуш и ут. Ансамблот „Распеани Велешани“ учествувал на повеќе реномирани фестивали во земјава и на просторите на поранешна Југославија. Тој има освоено повеќе престижни награди меѓу кои и прва награда grand prix на фестивалот „Илинденски денови“ одржан во Битола, во 2002 година. „Распеани Велешани“ имаат издадено две лонг плеј плочи и едно цд со изведба на староградски песни.

КУД „Керамичар“
Ансамблот Керамичар е основан во 1954 година. Денес тој брои 250 членови, повеќето ученици и студенти. Ансамблот Керамичар досега одржал повеќе од 3500 концерти. Има учествувано на голем број фестивали, културни манифестации, прослави и ревии на музика. Благодарение на квалитетот на неговата програма, тој е добитник на многу награди, признанија и плакети. За својот настап на манифестацијата ММФ, во Дижон, Франција, ансамблот ја доби наградата сребрен гердан. Керамичар има објавено неколку плочи на народни песни и ора. Во рамките на своите настапи, ансамблот ги презентира нарродните носии кои се одликуваат со богат колорит. На носиите, доминираат црвената и црната боја кои се исткаени на бела основа. Македонскиот народ ги зачувал овие носии низ својата историја. Со голем ентузијазам, младите луѓе учествуваат во активностите на ансамблот и се грижат за ритмот и народните песни и ора на македонскиот народ.

КУД „Коле Неделковски“
Културно уметничкото друштво „Коле Неделковски“ кое го носи името на еден од најеминентните велешки поети и револуционери, постои и работи повеќе од 18 години. Денес ова друштво опфаќа повеќе од 250 активни членови кои работат во неколку секции. Во рамките на друштвото работи и балетската група „Анабела“која негува модерен балет. КУД „Коле Неделковски“ има учествувано на голем број фестивали во повеќе земји меѓу кои Шпанија, Германија, Турција, Романија, Словачка, Бугарија како и во Словенија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и др. Репертоарот на друштвото ги опфаќа ората Комитско, Калајџиско, ората од источниот регион на Повардарието, егејски ора, Водарки, Бувчанско оро и голем број други ора и песни.


Традиционални занаети

Грнчарството го носи духот на Велес. Овој традиционален занает што успеа да преживее векови на предизвици и денес е симбол на градот. Во минатото со грнчарство се занимавале сиромашните семејства. Грнчар бил и Кочо Рацин, еден од најголемите македоски поети. Грнчарите биле принудени со часови да копаат во месноста Рупите во потрага по квалитетна глина. Неретко, тие го ризикувале и животот за што сведочат податоците во историските записи за млади грнчари кои загинале од одрони обидувајќи се да ископаат најквалитетна глина. Грнчарството бара посебна умешност за мануелно обликување како и смисол за естетика. Кочо Рацин грнчарството го сметал за најстара уметност создадена истовремено со цртежите на пештерскиот човек. Глината се обработува мануелно, со помош на грнчарско колце. Потоа изработените бардаци, стомни, тави, грниња и други грнчарски производи се сушат и се печат во специјални печки. На крајот се украсуваат со цртежи со специјални керамички бои и се заштитуваат со тенок слој на транспарентен флукс. Наспроти развојот на керамичката индустрија, традиционалните велешки грнчарски производи сеуште се барани на пазарот. Тоа ја одржува традицијата, но и занаетот. Секој од грнчарските производи е уникатен и сам по себе има единствена вредност. Денеска, покрај за потребите на домаќинствата, грнчарските производи служат и како украс во домовите на вљубениците во традицијата каде сведочат за историјата на македонската умешност.

Калајџии
Во минатото, велешани, најчесто користеле бакарни садови за готвење. Поради зеленикавиот слој, што од влагата се јавува на бакарните садови, нивната површина се заштитува со тенок слој од калај кој одвреме навреме треба да се обнови. Калајџиите биле стручњаци за прекривање на бакарните садови со калај, а вршеле и поправки на сите оштетени бакарни садови. Казаните, котлите и ѓумовите за вода се калаисувале поретко, а најчесто се калаисувале котлињата кои виселе на отворените огништа по кујните. Во градовите најмногу се задржале бакарните тепсии со различна големина, украсени со убави филигрански гравури. Во ХХ век, во Велес, имало само тројца калајџии кои биле принудени да одат по селата во потрага по работа. Денес овој традиционален занает е исчезнат. Сепак поедици ги зачувале семејните традиции и од време навреме, умеат да му се вратат на калајчиството кое се применува за заштита на бакарни предмети што граѓаните-вљубеници во традицијата сеуште ги чуваат во домовите, најчесто како украс.

Сарачи
Сарачите изработувале целосна опрема за коњи: амови, седла, узенгии, камшици и кожени ленти. Главна суровина што ја користеле била кожата. Познатата велешка Сарачка чаршија – Безистенот, која се наоѓала на местото на денешниот градски пазар, во минатото го добила името поради големиот број на занаетчии сарачи кои работеле во неа. Опстојувањето на сарачкиот занает, кој денеска е исчезнат, зависело од бројот на коњите, но и од нивната намена. Доколку расните коњи повеќе се употребувале за јавање или за влечење пајтони и чези, тогаш и сарачите имале повеќе работа. Ако коњите повеќе се користеле за носење товари или за орање, сарачите останувале без работа. Предизвиците на новото време и воведувањето на современи сообраќајни средства сосема го избришале овој занает од лицето на Велес. Но, долго по неговото исчезнување, чаршијата сеуште се нарекувала Сарачка, во спомен на мајсторите - сарачи.

Самарџии
Самарџискиот занает е еден од најстарите. И овој занает е во опаѓање, но не е исчезнат. Најмногу е застапен во руралните средини и ќе постои се додека крупниот добиток се користи за носење товар. За правење на самари, мајсторите самарџии користат дрво, јутено платно или аба, штавена јагнешка или овча кожа и слама. Со делкање на дрвото, тие ја прават предната и задна кобилица на самарот, во која вметнуваат измазнети гредички. Во таа дрвена рамка, самарџиите поставуваат јутени или кожени перници, наполнети со слама, како и по една цилиндрична јутена перница. Перниците ги поставуваат под предната и задната кобилица. Самарите се шијат рачно, со специјални игли. Самарџиите не користат машини за шиење, ниту столарски алат за обработка на дрвото. За изработка на самарите користат само тесла и специјален нож за стругање на дрвените делови.

Пајтонџии
Со појавата на моторните возила, шарените пајтони со коњски запреги украсени со ѕвонци и прапорци, исчезнаa од Велес. Останаа само спомените за еден од најспецифичните занаети што некогаш живееле во градот. Во минатото, секој не можел да се занимава со овој занает. Покрај пајтонот, пајтонџиите морале да имаат убави и здрави коњи како и шталa за дa ги чуваат. Пајтонџискиот занает не бил лесен зато што тие работеле по цел ден, а неретко и во текот на ноќта. Пајтонџиите биле изложени на секакви временски прилики. Развојот на стопанството и трговијата во XIX век придонел Велес да прерасне во жив транспортен центар што значело и многу работа за пајтонџиите. Во тој период, пaјтонџиите го минувале Стар мост со своите пајтони на четири тркала со впрегнати два или четири коња. Тие се користеле за превоз на патници и можеле да соберат до шест лица. Велешките пајтонџии биле мошне вешти во својата работа затоа што морале да возат и по стрмни и нерамни терени во повисоките делови од градот. Пајтоните се користеле и за свадби, а богатите велешани за превоз на младенците и сватовите ги ангажирале речиси сите велешки пајтонџии. Традицијата налагала и најсиромашните велешани за своите свадби да ангажираат барем еден пајтон. Пајтонџиите превезувале и стока за трговците. Поради атрактивноста на пајтоните, денеска постои инцијатива за нивно враќање на велешките улици. Во време на модерни превозни средства, враќањето на духот на овој занает може да биде вистинска туристичка атракција и да ги оживее спомените на постарите велешани.

Терзии
Во времето на големата културна експанзија на Велес, во XIX век кога младата авангарда ги донела со себе културните специфики на европските земји, во Велес особено биле ценети мајсторите –терзии задолжени за шиење на облеката на имотните, но и на посиромашните велешани. Со материјали се снабдувале од Велешките трговци, а неретко и самите патувале до Солун па дури и во Далмација? по набавка на материјали. По отворањето на големата штофара на семејството Шукареви како и неколку други штофари во градот, терзиите добиле можност побрзо да набават материјали и да ги задоволат желбите на велешани.Особено потребите на имотните граѓани и претставниците на еснафот кои имале желба да се облекуваат по најнова европска мода и да носат костуми од квалитетни материјали. Терзиите за својата работа најмногу користеле „Singer“ машини за шиење кои се сметале за најквалитетни. Денеска голем број велешки семејства, во своите домови чуваат и сеуште користат вакви машини. Наспроти брзиот развој на текстилната индустрија, терзискиот занает преживеа до денеска. Во Велес сеуште работат 18 мајстори-терзии кои произведуваат облека по мерка .


Традиционални предмети

Меѓу традиционалните предмети кои со векови ја задржале својата намена и опстанале на ова поднебје се споменуваат украсите и предметите во кои на жарник се приготвувале и се послужувале специјалитетите од македонската кујна. Изработени од глина, тавите, грнците, тенџерињата се предмети во кои и денеска се приготвува традиционалната македонска храна. Не помалку вредни се ваганите и толчниците направени од дрво, како и лажиците во разни големини. Меѓу садовите во кои се чува водата предничат надалеку познатите стомни, бардаци и ибрици. Особено впечатливи за туристите се бакарните тепсии, ѓумови и украсни послужавници. Занаетчиите и домаќинките порано ги употребувале пеглите изработени од месинг, но денеска тие се користат само како украси.


Ракотворби

Носии
Духот на фолклорното богатство на Македонскиот народ низ вековите растел и на подрачјето на Велес, оставајќи го на носиите што го надживеале времето, белегот на народното создавање. До ден денес, најкарактеристични носии во велешкиот крај останале носиите од северните велешки села. Машката носија била изработена од бело платно,а ја сочинувале кошула, гаќи, елек од клашна (пругасто домашно ткаено платно), шалвари со широки ногавици, бечви со капаци од бел и црн шајак, копоран од клашна и памуклија антерија која се носела преку елекот. На нозете се носеле чорапи врз кои се обмотувала волнена објала или калци (вид потколеници од клашна што се навлекувале на нозете). Во летните периоди мажите на појасот или на главата носеле бела крпа бришалка.
Женската носија била составена од памучна кошула, везена по долниот дел и на ракавите, ќурдија (горна облека без ракави) изработена од бела и од црна клaшна, долга до средината на листовите од нозете. Потоа, ѕуница (појас од волнена преѓа), елек од шарено платно во пруги, како и фута ткаена на црвена основа. На главата, жените носеле шамии во разни бои. Карктеристични за фризурите биле додавните прцли, кои се прикачувале на собрана коса.
Во првите децении на XX век, женската носија ја замениле фустаните наречени ив’станки (облека во два дела, составена од здолниште и блуза исклучиво изработени од свила или сатен. Оваа носија била позната под името кроазе. Жените на глaватa носеле шмии, а на нозете „чејли“.

Везови
Со убавината на креацијата, умешноста на комбинацијата на бои и техники, македонските везови и ден денес претставуваат една од најзначајните етнолошки вредности. Техниките и везовите што се развивале и негувале на целата територија на Македонија, имале свои приврзаници и на подрачјето на Велес. Особено впечатлив е мијачкиот вез кој во себе спојува повеќе традиционални елементи на старата култура што Мијаците, од областа Мала Река, ја пренеле при населувањето во селата Ореше и Папрaдиште во областа Азот, велешко. Карактеристика на мијачкиот вез е неговиот колорит во кој доминира црвената боја. Црната боја доминира во везовите што потекнуваат од Скопска Црна Гора и Долни Полог. Во колоритот на македонските везови се застапени и други бои како зелената, жолтата или темно сината. Карактеристика на македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви. Традиционално за изработка на македонските везови се користеле претежно волнени конци и конци обоени со природни средства за боење. Во некои области како Полог и Порече за изработка на везовите се користела срма.
Македонските везови денеска во Велес ги негува здружението на граѓани „Везилка Ленка“ кое неодамна отвори и погон за изработка и пласман на традиционалните везови на домашниот и странскиот пазар.