етнологија

Етнологија


Традиционални занаети

Грнчарството го носи духот на Велес. Овој традиционален занает што успеа да преживее векови на предизвици и денес е симбол на градот. Во минатото со грнчарство се занимавале сиромашните семејства. Грнчар бил и Кочо Рацин, еден од најголемите македоски поети. Грнчарите биле принудени со часови да копаат во месноста Рупите во потрага по квалитетна глина. Неретко, тие го ризикувале и животот за што сведочат податоците во историските записи за млади грнчари кои загинале од одрони обидувајќи се да ископаат најквалитетна глина. Грнчарството бара посебна умешност за мануелно обликување како и смисол за естетика. Кочо Рацин грнчарството го сметал за најстара уметност создадена истовремено со цртежите на пештерскиот човек. Глината се обработува мануелно, со помош на грнчарско колце. Потоа изработените бардаци, стомни, тави, грниња и други грнчарски производи се сушат и се печат во специјални печки. На крајот се украсуваат со цртежи со специјални керамички бои и се заштитуваат со тенок слој на транспарентен флукс. Наспроти развојот на керамичката индустрија, традиционалните велешки грнчарски производи сеуште се барани на пазарот. Тоа ја одржува традицијата, но и занаетот. Секој од грнчарските производи е уникатен и сам по себе има единствена вредност. Денеска, покрај за потребите на домаќинствата, грнчарските производи служат и како украс во домовите на вљубениците во традицијата каде сведочат за историјата на македонската умешност.

Калајџии
Во минатото, велешани, најчесто користеле бакарни садови за готвење. Поради зеленикавиот слој, што од влагата се јавува на бакарните садови, нивната површина се заштитува со тенок слој од калај кој одвреме навреме треба да се обнови. Калајџиите биле стручњаци за прекривање на бакарните садови со калај, а вршеле и поправки на сите оштетени бакарни садови. Казаните, котлите и ѓумовите за вода се калаисувале поретко, а најчесто се калаисувале котлињата кои виселе на отворените огништа по кујните. Во градовите најмногу се задржале бакарните тепсии со различна големина, украсени со убави филигрански гравури. Во ХХ век, во Велес, имало само тројца калајџии кои биле принудени да одат по селата во потрага по работа. Денес овој традиционален занает е исчезнат. Сепак поедици ги зачувале семејните традиции и од време навреме, умеат да му се вратат на калајчиството кое се применува за заштита на бакарни предмети што граѓаните-вљубеници во традицијата сеуште ги чуваат во домовите, најчесто како украс.

Сарачи
Сарачите изработувале целосна опрема за коњи: амови, седла, узенгии, камшици и кожени ленти. Главна суровина што ја користеле била кожата. Познатата велешка Сарачка чаршија – Безистенот, која се наоѓала на местото на денешниот градски пазар, во минатото го добила името поради големиот број на занаетчии сарачи кои работеле во неа. Опстојувањето на сарачкиот занает, кој денеска е исчезнат, зависело од бројот на коњите, но и од нивната намена. Доколку расните коњи повеќе се употребувале за јавање или за влечење пајтони и чези, тогаш и сарачите имале повеќе работа. Ако коњите повеќе се користеле за носење товари или за орање, сарачите останувале без работа. Предизвиците на новото време и воведувањето на современи сообраќајни средства сосема го избришале овој занает од лицето на Велес. Но, долго по неговото исчезнување, чаршијата сеуште се нарекувала Сарачка, во спомен на мајсторите - сарачи.

Самарџии
Самарџискиот занает е еден од најстарите. И овој занает е во опаѓање, но не е исчезнат. Најмногу е застапен во руралните средини и ќе постои се додека крупниот добиток се користи за носење товар. За правење на самари, мајсторите самарџии користат дрво, јутено платно или аба, штавена јагнешка или овча кожа и слама. Со делкање на дрвото, тие ја прават предната и задна кобилица на самарот, во која вметнуваат измазнети гредички. Во таа дрвена рамка, самарџиите поставуваат јутени или кожени перници, наполнети со слама, како и по една цилиндрична јутена перница. Перниците ги поставуваат под предната и задната кобилица. Самарите се шијат рачно, со специјални игли. Самарџиите не користат машини за шиење, ниту столарски алат за обработка на дрвото. За изработка на самарите користат само тесла и специјален нож за стругање на дрвените делови.

Пајтонџии
Со појавата на моторните возила, шарените пајтони со коњски запреги украсени со ѕвонци и прапорци, исчезнаa од Велес. Останаа само спомените за еден од најспецифичните занаети што некогаш живееле во градот. Во минатото, секој не можел да се занимава со овој занает. Покрај пајтонот, пајтонџиите морале да имаат убави и здрави коњи како и шталa за дa ги чуваат. Пајтонџискиот занает не бил лесен зато што тие работеле по цел ден, а неретко и во текот на ноќта. Пајтонџиите биле изложени на секакви временски прилики. Развојот на стопанството и трговијата во XIX век придонел Велес да прерасне во жив транспортен центар што значело и многу работа за пајтонџиите. Во тој период, пaјтонџиите го минувале Стар мост со своите пајтони на четири тркала со впрегнати два или четири коња. Тие се користеле за превоз на патници и можеле да соберат до шест лица. Велешките пајтонџии биле мошне вешти во својата работа затоа што морале да возат и по стрмни и нерамни терени во повисоките делови од градот. Пајтоните се користеле и за свадби, а богатите велешани за превоз на младенците и сватовите ги ангажирале речиси сите велешки пајтонџии. Традицијата налагала и најсиромашните велешани за своите свадби да ангажираат барем еден пајтон. Пајтонџиите превезувале и стока за трговците. Поради атрактивноста на пајтоните, денеска постои инцијатива за нивно враќање на велешките улици. Во време на модерни превозни средства, враќањето на духот на овој занает може да биде вистинска туристичка атракција и да ги оживее спомените на постарите велешани.

Терзии
Во времето на големата културна експанзија на Велес, во XIX век кога младата авангарда ги донела со себе културните специфики на европските земји, во Велес особено биле ценети мајсторите –терзии задолжени за шиење на облеката на имотните, но и на посиромашните велешани. Со материјали се снабдувале од Велешките трговци, а неретко и самите патувале до Солун па дури и во Далмација? по набавка на материјали. По отворањето на големата штофара на семејството Шукареви како и неколку други штофари во градот, терзиите добиле можност побрзо да набават материјали и да ги задоволат желбите на велешани.Особено потребите на имотните граѓани и претставниците на еснафот кои имале желба да се облекуваат по најнова европска мода и да носат костуми од квалитетни материјали. Терзиите за својата работа најмногу користеле „Singer“ машини за шиење кои се сметале за најквалитетни. Денеска голем број велешки семејства, во своите домови чуваат и сеуште користат вакви машини. Наспроти брзиот развој на текстилната индустрија, терзискиот занает преживеа до денеска. Во Велес сеуште работат 18 мајстори-терзии кои произведуваат облека по мерка .