етнологија
Етнологија
Страница 4 од 4
Ракотворби
Носии
Духот на фолклорното богатство на Македонскиот народ низ вековите растел и на подрачјето на Велес, оставајќи го на носиите што го надживеале времето, белегот на народното создавање. До ден денес, најкарактеристични носии во велешкиот крај останале носиите од северните велешки села. Машката носија била изработена од бело платно,а ја сочинувале кошула, гаќи, елек од клашна (пругасто домашно ткаено платно), шалвари со широки ногавици, бечви со капаци од бел и црн шајак, копоран од клашна и памуклија антерија која се носела преку елекот. На нозете се носеле чорапи врз кои се обмотувала волнена објала или калци (вид потколеници од клашна што се навлекувале на нозете). Во летните периоди мажите на појасот или на главата носеле бела крпа бришалка.
Женската носија била составена од памучна кошула, везена по долниот дел и на ракавите, ќурдија (горна облека без ракави) изработена од бела и од црна клaшна, долга до средината на листовите од нозете. Потоа, ѕуница (појас од волнена преѓа), елек од шарено платно во пруги, како и фута ткаена на црвена основа. На главата, жените носеле шамии во разни бои. Карктеристични за фризурите биле додавните прцли, кои се прикачувале на собрана коса.
Во првите децении на XX век, женската носија ја замениле фустаните наречени ив’станки (облека во два дела, составена од здолниште и блуза исклучиво изработени од свила или сатен. Оваа носија била позната под името кроазе. Жените на глaватa носеле шмии, а на нозете „чејли“.
Везови
Со убавината на креацијата, умешноста на комбинацијата на бои и техники, македонските везови и ден денес претставуваат една од најзначајните етнолошки вредности. Техниките и везовите што се развивале и негувале на целата територија на Македонија, имале свои приврзаници и на подрачјето на Велес. Особено впечатлив е мијачкиот вез кој во себе спојува повеќе традиционални елементи на старата култура што Мијаците, од областа Мала Река, ја пренеле при населувањето во селата Ореше и Папрaдиште во областа Азот, велешко. Карактеристика на мијачкиот вез е неговиот колорит во кој доминира црвената боја. Црната боја доминира во везовите што потекнуваат од Скопска Црна Гора и Долни Полог. Во колоритот на македонските везови се застапени и други бои како зелената, жолтата или темно сината. Карактеристика на македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви. Традиционално за изработка на македонските везови се користеле претежно волнени конци и конци обоени со природни средства за боење. Во некои области како Полог и Порече за изработка на везовите се користела срма.
Македонските везови денеска во Велес ги негува здружението на граѓани „Везилка Ленка“ кое неодамна отвори и погон за изработка и пласман на традиционалните везови на домашниот и странскиот пазар.
- << Пред
- Следно