РЦУК -- Велес
РЦУК - Велес
СИСТЕМОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ: РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ - ВЕЛЕС
СИГУРНОСТ И ПОДДРШКА ЗА ГРАЃАНИТЕ ВО СЕКОЈА СИТУАЦИЈА
ЗА НАС
Со донесување на законот за управување со кризи (СЛВ на РМ бр. 29/2005) уреден е системот за управување со кризи во Република Македонија.
Системот за управување со кризи е организиран и се остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување воена или вонредна состојба.
Системот за управување со кризи го остваруваат органите на државна управа и органите на државна власт, вооружените сили, силите за заштита и спасување и органите на општините.
Јавните претпријатија, јавните установи и служби и трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, можат да учествуваат во превенција, рано предупредување и справување со кризи.
Граѓаните, здруженијата на граѓани, Црвениот крст на Република Македонија, невладините и хуманитарните организации, средствата за јавно информирање и други правни лица, можат да учествуваат во превенција, рано предупредување и справување со кризи, доброволно и договорно.
Заради предлагање на одлуки и обезбедување на постојани консултации, координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на расположивите ресурси во случај на кризна состојба, како и обезбедување навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Републиката од ризици и опасности, во системот за управување со кризи се формираат Управувачки комитет и Група за процена и се основа Дирекција за управување со кризи.
УПРАВУВАЧКИ КОМИТЕТ
Управувачкиот комитет е тело на Владата кое го координира и управува со системот за управување со кризи.
Управувачкиот комитет го сочинуваат министрите за: внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена. Во звисност од кризната состојба во работата на Комитетот по потреба можат да се вклучат и други функционери кои раководат со органите на државната управа.
Во работата на Управувачкиот комитет учествува и еден претставник на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на РМ од редот на членовите од најголемата политичка партија во опозиција и еден претставник од Кабинетот на претседателот на РМ.
ГРУПА ЗА ПРОЦЕНА
Групата за процена е тело на Владата кое врши постојано проценување на ризиците и опасностите по безбедноста на Република Македонија и предлага мерки и активности за нивна превенција, рано предупредување и справување со кризна состојба.
Групата за процена ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање, агенцијата за разузнавање, директорите и замениците на директорите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, заменик на началникот на Генералштабот на АРМ, како и раководителот на Службата за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана.
ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ
Согласно член 20 од ЗУК во системот за управување со кризи основан е самостоен орган на државна управа по положба и функција на дирекција, со својство на правно лице. Називот на овој самостоен орган на државна управа е Центар за управување со кризи (ЦУК), со седиште во Скопје.
Во извршување на работите во врска со управувањето со кризи, Центарот ги врши работите што се однесуваат на:
Обезбедување континуитет во меѓуресорската и меѓународна соработка, консултации и координација во управувањето со кризи.
Изработување и ажурирање на единствена процена на ризиците и опасностите по безбедноста на Републиката.
Предлага мерки и активности за разрешување на кризна состојба и
Центарот е носител на вкупната подршка (стручна, административна, организациона и друга) на Управувачкиот комитет и Групата за процена.
РЕГИОНАЛНИ ЦЕНТРИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ ( РЦУК )
Заради информирање, следење на состојбата, размена на податоци и информации и давање на предлози за управување со кризна состојба и изработка на процена во ЦУК формирани се 35 Регионални центри за управување со кризи. Овие РЦУК се дисперзирани во 34 општини и градот Скопје.
Заради рано предупредување на граѓаните во ЦУК е организиран систем за известување и тревожење. Во ЦУК е воспоставен и единствен комуникациско-информативен систем со специфичниот број 195 кој е најширока дирекна врска со граѓаните, врска која им овозможува на граѓаните повик-јавување во случај на ризици, опасност и други несреќи.
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ГРАЃАНИТЕ ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА ТЕЛЕФОНСКИОТ БРОЈ 195
Карактеристичниот број 195 граѓаните можат да го користат во било кој дел од денот, секој ден во седмицата, независно каде се наоѓаат на територијата на Република Македонија.
Со избирање на телефонскиот број 195 од Вашиот телефонски апарат воспоставувате директна врска со еден од осумте РЦУК во РМ. Од кој РЦУК ке ви се јави оперативниот дежурен зависи од локацијата на која се наоѓате.
Бирањето на телефонскиот број 195 е бесплатно, без разлика дали барателот користи телефонски апарат од фиксната или мобилната телефонија.
Врската со РЦУК се воспоставува со едноставно избирање на бројките 195 од бројчаникот на телефонскиот апарат без додавање на карактеристичниот број на градот.