Прес конференција (25.03.2009)

ImageГрадоначалникот на Општина Велес, господинот Аце Коцевски, денеска одржа прес конференција со цел да ја одбрани општинската администрација од нападите  што  вчера во јавноста ги упати Изборниот штаб  на ВМРО – ДПМНЕ.
 
- Не се точни обвинувањата дека Општина Велес работи незаконски, нетранспарентно и спротивно на Законот за јавни набавки. Општина Велес е меѓу најдобрите во Македонија, со изградени капацитети и стручните служби совесно и одговорно ја извршуваат својата работа, без никакво влијание од страна на  градоначалникот.
- Овој начин политичките противници го користат за политички да ме дискриминираат пред вториот изборен круг,  констатираше  градоначалникот Коцевски. Меѓутоа, тие треба да внимаваат да не ја  вмешуваат општинската администрација, која стручно и професионално ја извршува својата работа.

Со вчерашните напади, обидувајќи  се да го минимизираат и оцрнат работењето на Градоначалникот, тие директно ја  нападнаа работата на општинската администрација.

Во Општина Велес јавните набавки ги води стручна комисија, во која не членува градоначалникот. Во моментов, според склучените договори по разни основни ангажирани се 79 фирми, од кои 10 за градежништво, 7 за урбанизам и урбанистичко планирање, 8 за одржување, 27 за разни услуги и 20 за набавка на стоки и материјали. Сите договори се склучени врз основа на транспарентна постапка за  јавни набавки и претходно изготвен план.

Во текот на 2008 година само во два случаја се поднесени жалби од понудувачи кои се одбиени од Второстепената комисија  за жалби по јавни набавки при Владата на Република Македонија.

Останува правото на општинската администрација дали ќе покрене кривични пријави за клевета.