Кошмарна ноќ во храмот на книгата
Ноќта на 2 април, чуварот на новиот објект на локалната библиотека „Гоце Делчев“ го претрпе најлошиот кошмар во животот. За Ноќта на бруталност, закани и криминал што фрли црно петно во центарот на Велес јавноста ја информираше градоначалникот Аце Коцевски. Настанот се случил во 22:50 часот. Во моментот кога чуварот посегнал да ја затвори полуотворената врата на една од канцелариите, бил нападнат зад грб, испрскан со спреј во очи и заклучен во тоалетот на вториот кат од зградата.
Напаѓачот му ги одзел мобилниот телефон и клучевите од зградата и му се заканил со зборовите „Ти ми го земаш лебот, јас немам леб“. На прес конференцијата градоначалникот Коцевски ги извести новинарите дека напаѓачот одзел и лаптоп со архива за работата на библиотеката во изминатите 12 години. Чуварот се обидел да излезе од зградата преку прозорецот на тоалетот, но не успеал. Го отклучиле вработените утрото во шест часот. Градоначалникот изрази револт и загриженост за настанот што се случи во локалната установа со напомена дека полицијата веќе работи на откривање на напаѓачот. На новинарско прашање дали го поврзува настанот со изборите Коцевски рече „Јас сум сериозен човек и политичар и во овој момент не можам да тврдам нешто такво“. Тој потенцираше дека полицијата треба да најде и одговор на прашањето како напаѓачот успеал да влезе во библиотеката.
(03.04.2009)