„Хендикеп Интернационал“ во Велес
Една година по усвојувањето на Локалниот акционен план за прашањето хендикеп, Општина Велес ја посетија претставниците на „Хендикеп Интернационал“ Африм Илјази, национален програмски координатор во Република Македонија и Фредерик Стокхаус од Шведска, регионален координатор за застапување на лицата со хендикеп за Југоисточна Европа.
На работната средба одржана на 22 април годинава, делегацијата на „Хендикеп Интернационал“, градоначалникот Горан Петров и претседателот на Советот, Славчо Чадиев ги разгледаа спроведените активности и насоките за заштита на правата на лицата со хендикеп. Градоначалникот Петров изрази задоволство од досега реализираните активности на овој план, како и подготвеност да ги поддржи сите понатамошни активности.
Во рамките на престојот во Велес делегацијата оствари евалуација за текот на проектните активности со претставниците на Локалната лидерска група која е задолжена за имплементација на програмските содржини.
За потсетување, по иницијатива на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа - Велес, Здружението на слепите лица на Општина Велес, ЗГ „Иницијатива за социјална поддршка“, Општина Велес, други невладини организации и со поддршка од Хендикеп Интернационал, во 2007 година се поттикна креирањето на Локалниот акционен план за прашањето на хендикеп.
Локалниот акционен план за прашањето на хендикеп е базиран на „Стандардните правила за изедначување на можностите на хендикепираните лица“, а за негово имплементирање беше формирана Локална лидерска група.
(22.04.2009)