106 ГОДИНИ ОД САМОЖРТВАТА НА ГЕМИЏИИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

ImageВелес денес се поклони на саможртвата на Гемиџиите,  пред нивниот споменик на кејот на Вардар – местото од каде гемиите се спуштале за да стигнат до своето одредиште. Во присуство на бројни граѓани, претставници на политички партии и членови на Советот на Општина Велес градоначалникот Горан Петров потсети на имињата на нашите сограѓани Јордан Поп Јорданов, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов и Алексо Минов и нивните браќа во револуционерната борба Павел Шатев и Марко Бошнаков кои денес не се само паметник кој во себе го носи духот на Гемиџиите и на кој се навраќаме под налетот на патриотизмот, туку длабок корен на се што е денес Македонија: независна,суверена и демократска држава.

Во знак на почит и благодарност на луѓето што живееја под мото „Се арчиме за Македонија“ со свежо цвеќе  беше закитен и гробот на најмладиот Гемиџија Милан Арсов, во селото Ораовец, а должна почит му беше оддадена и на илинденскиот војвода Јован Наумов Алабакот.
 
ImageImage 
 
(27.04.2009)