Конституиран новиот Совет за развој на Вардарскиот плански регион
Новоизбраните градоначалници од Вардарскиот плански регион, на 29 април годинава, во Велес ја одржаа првата конститутивна седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. На седницата, за претседател на Советот е избран градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров.
Упатувајќи благодарност за поддршката од членовите на Советот, Петров ги презентираше приоритетите за развој на регионот: „ Помеѓу нив предничи искористувањето на потенцијалите на Вардар, гасификацијата, изградба на регионална комунална инфраструктура, развој на земјоделството со фокус на винарството, тиризмот, културата“, рече Петров кој напомена дека градоначалниците ќе ја разгледаат Програмата за развој на Вардарскиот плански регион подготвена со поддршка на УНДП и евентуално ќе предложат и други приоритети“.
Глигур Коцев, градоначалник на Општина Градско кој е единствениот од поранешниот состав на советот потенцираше дека еден од приоритетите ќе биде и изградбата на регионалниот пат Велес - Прилеп преку Бабуна, утврден во програмата.
УНДП веќе го опреми центарот за развој на Вардарскиот плански регион со потребната комјутерска и канцелариска опрема. Центарот е лоциран во општинската зграда на Општина Велес. Претстои избор на раководител на Центарот и негово доекипирање согласно Законот за рамномерен регионален развој. Развојот на регионот ќе биде финансиран со средства од државата преку Министерството за локална самоуправа кое ќе обезбедува 50% од потребните средства (од 1% од БДП согласно законот), но и со средства од општините (10 денари по глава на жител) и расположивите европски и други меѓународни фондови.
(29.09.2009)