Организиран дочек на Новата 2006

По желба на граѓаните Организиран дочек на Новата 2006 година

Врз основа на резултатите од спроведената анкета според кои 70% од анкетираните граѓани се изјаснија позитивно за организирање на дочек на Новата 2006 година, Општина Велес организира дочек кој воедно ќе биде круна на манифестацијата „Велес град на културата“.

Ова на прес конференција го соопшти Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој им упати јавна благодарност на сите граѓани што учествуваа во анкетата.

Празнувањето ќе започне со новогодишната програма за деца „Новогодишна приказна“ на 30.12.2005 година (петок), со почеток во 12 часот, во амфитеатарот во Младинскиот парк. Покрај средбата со јунаците од бајките, новогодишната програма подготвена од Дирекцијата за култура-Скопје, ќе понуди и многу пријатни иненадувања за најмладите велешани.

Организираниот дочек на 31.12.2005 (сабота) ќе започне во 21 часот, во Младинскиот парк (просторот над амфитеатарот), со велешката група „Бед сектор“.

Програмата во најлудата ноќ ќе ја збогатат и фолк пеачите Сузана Спасовска и Горан Тодоровски, поп пеачката Биба Додева, групата „Оџила“ од Србија и Црна Гора, групата „Фолтин“ од Битола како и дувачкиот оркестар „Агушеви“ од Струмица.

Општина Велес ќе им овозможи на граѓаните Новата 2006 година да ја дочекаат со огномет и други пријатни изненадувања.


Општина Велес Ве поканува масовно да учествувате во организираниот дочек на Новата 2006 година и со своето присуство да ја збогатите најлудата ноќ во Велес.