Јазикот – живот, душа и идентитет
Во рамките на 32-то издание на манифестацијата „Средби на Бошњаците во Република Македонија“, на 5-ти мај годинава, во Општина Велес се одржа трибина на тема „Босанскиот јазик-еден од најзначајните фактори за зачувување на идентитетот на Бошњаците“. Модератор на трибината беше пратеникот Авдија Пепиќ од редовите на Странка за демократска акција на Македонија кој го нагласи значењето на јазикот како израз на идентитетот на бошњачкиот народ.
„Бошњачкиот народ е конститутивен елемент на македонската држава, со уставно загарантирано право на основно образование на мајчин јазик“, рече Пепиќ. На трибината на која учествуваше и Весна Хорватовиќ, директорка на Бирото за развој на образованието беа разгледани можностите што ги нуди постојниот образовен систем за граѓаните од бошњачката заедница, лингвистичките елементи, богатството на јазикот но и проблемите со неговото оспорување од 1907 година до денес. Јазикот е живот, душа и идентитет на еден народ, беше констатирано на трибината која предизвика голем интерес кај учесниците. Трибината посветена на негувањето на босанскиот јазик традиционално е вградена во програмските содржини на Средбите на Бошњаците во Република Македонија. Централниот настан традиционално се одржува во населеното место Горно Оризари каде живеат граѓаните од Бошњачката заедница на подрачјето на Општина Велес.
(05.05.2009)