Програма за развој на Вардарскиот плански регион

ImageВо организација на Општина Велес и УНДП, на 19-ти мај годинава, во Велес се одржа втората проширена седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. Во присуство на градоначалниците од деветте општини во регионот, претставници на УСАИД и УНДП, Лилјана Алчева проект менаџер при УНДП ја презентираше Програмата за развој на Вардарскиот плански регион. Програмата содржи 6 целни области на делување меѓу кои, изградба на инфраструктура, искористување на енергетските потенцијали, економски развој, развој на земјоделството, културата и туризмот.
 
„Имаме среќа што нашиот регион е еден од најатрактивните поради стратешката географска положба, долината на Вардар која сама по себе е предизвик, винопроизводството, енергетските, природните и човечките потенцијали. Изгубивме драгоцено време со надминувањето на проблемите со статистичката номенклатура на регионот. Тоа е причина повеќе серизно да се посветиме на вистинските приоритети и да започнеме со релизација на програмските определби“, рече Горан Петров претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.

Михаела Стојкоска, програмски координатор на УНДП за децентрализација ја нагласи подготвеноста за понатамошна поддршка на развојот на регионот. „Верувам во успешна соработка со овој состав на Советот. Наша стратешка определба е да ги градиме нашите интервенции и да ги окрупнуваме“. За Киро Левески, раководител на Сектор во Бирото за регионален развој донесувањето на националната Стратегија за рамномерен регионален развој е од исклучително значење за регионот. „По усогласувањето на националната стратегија со програмите за развој на регионите може да се очекува развој на сите делови од земјата“, рече Левески. Програмата за развој на Вардарскиот плански регион е донесена со поддршка на УНДП, консултантската фирма „Урбан Рурал Консалтинг“ и учество на општините, јавните претпријатија, невладините организации и бизнис секторот во сите девет општини.
 
ImageImage
 
ImageImage