Седми роденден на „ЦИР-Виготски“
Невладината организација „ЦИР-Виготски“ на 20 ти мај годинава, во Ликовниот салон со свечена програма го одбележа седумгодишното активно делување во граѓанскиот сектор. Со љубов и посветеност ги остваруваат целите за подобрување на условите за живот на децата и младите, грижата за здраво поколение, заштитата на животната средина и развојот на демократијата и граѓанското општество.
За оваа пригода Здружението распиша литературен и ликовен конкурс за учениците од 7 – 17 години од општинските училишта во Велес и ги прогласи најуспешните творци.
Бројните посетители имаа можност во промотивниот перформанс да ги погледаат ликовните дела на талентираните уметници и да ги слушнат наградените песни на младите литерати кои твореа на тема: “Да ја зачуваме планетата Земја чиста и зелена“.
Во името на сите граѓани роденденот им го честиташе градоначалникот Горан Петров: „Се гордеам со развиениот НВО сектор во општината. Се гордеам со граѓаните што истрајно и долгорочно, а не кампањски работат за поубав, поздрав, Европски Велес“
„Љубовта е двигател и поттик на нашите членови.“- истакна претседателката на здружението Тања Богатинова.
Виготски најави уште многу активности и проекти во интерес на децата и младите.
