Инвестиција на „Лукоил“ во Велес
На 21 мај годинава, во Велес свечено беше отворена бензинска станица на компанијата Лукоил. Презентирајќи ја инвестицијата вредна 1,2 милиони евра, Андреј Михалович Куку, генерален директор на Лукоил Македонија ја потенцираше поддршката од централната и локалната власт во изградбата на бензинската станица.
„Оваа бензинска станица ја изградивме во многу сложени услови. Со поддршката на централната и локалната власт успеавме во тоа и се надевам дека ќе ги задоволиме потребите на граѓаните“, рече Михајлович.
На свеченото отворање присуствуваше Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Владимир Солоцински кој нагласи дека она што ги разликува инвестициите на Лукоил е инвестирањето во заштитата на животната средина. Тој ја поздрави инвестицијата и отворањето на 15 нови работни места.
Градоначалникот Горан Петров во името на граѓаните ја поздрави изградбата на бензинската станица оценувајќи ја како нов двигател во локалниот економски развој. „ Особено се радувам што на Велес му се случува таква позитивна енергија во период кога сите говорат за криза. Денешното свечено отворање на новата бензиска станица на Лукоил само потврдува дека во светот на бизнисот се е можно и дека никогаш не треба да отстапуваме од нашите визии за иднината“, рече Петров.
Бензинската станица во Велес е десетта во Македонија. Компанијата Лукоил има 150.000 вработени во 49 земји и поседува 2,1% од глобалното произвотство на нафта како и 1,3% од светските нафтени резерви.