46-тите Рацинови средби во знакот на „Белите мугри“

Кликни за да го превземеш спотот (5MB) Организациониот одбор на Меѓународната културна манифестација на прес конференција го најави одржувањето на 46-те Рацинови средби. „Белите мугри“ не се ниту обична, ниту секојдневна книга, туку литературна светлина што го покажува патот на 70 генерации Македонци и останува да зрачи со несмален сјај уште за многу идни поколенија. Од овие причини нивното чествување не задолжува и како град и како Македонци целосно да им се посветиме, рече г-динот Горан Петров, градоначалник на Општина Велес и претседател на Организациониот одбор на средбите.

Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија го задолжи Велес заедно со Институтот за македонска литература на Република Македонија да биде носител на обележувањето на овој јубилеј на национално ниво.

46-тите Рацинови средби ќе се одржат во 2 фази.
Првата е во периодот од 11-13 јуни, а втората во ноември 2009 година. На 11-ти јуни, на првата вечер од средбите насловена како „Безвремениот Рацин“ ќе се одржи меѓународниот поетски митинг на кој ќе земат учество 20-тина странски и домашни поети. Од странство своето учество го потврдија Ион Думитру, Каролина Илика од Друштво на писатели од Романија и Сербан Кодрин од збратимениот град Слобозија - Романија, од Франција Силви Реф, од Бугарија претседателот на Друштвото на писатели Николај Петев и Стефанија Цонкова од збратимениот град Свиштов. Потврдено е учество на поети од Србија, Хрватска и Словенија, а се очекува потврда за учество на поети од Албанија и Грција

Специјални гости на вечерта се гостите од Алзас Франција - поетесата Силви Реф и групата „Манивел“ кои ќе ја завршат вечерта со поетско-музички колаж од француска и рацинова поезија, претставена со стих и мелодија.

12-ти јуни – вечерта посветена на „Белите мугри“ ќе ја започнеме со балетски перформанс „Ленка“ – кореографија на г-ѓа Олга Панго. Оваа вечер ќе бидат претставени портретите на добитниците на Рациновото и Почесното Рациново признание.

Организациониот одбор одлучи добитник на Почесното Рациново признание за 2009 година да биде проф.д-р Петер Рау, германски филолог кој македонската литература и култура и македонскиот јазик ги афирмира и презентира во Република Германија. Г-дин Рау одлично говори македонски јазик, коавтор е на големиот македонско-германски и германско-македонски речник. Делата на истакнати македонски писатели ги преведува и ги доближува до германската културна јавност.

Добитникот на Рациновото признание очекуваме да го дознаеме на 4 јуни. За тоа кој оваа година ќе го понесе ова престижно признание ќе одлучи жири комисијата во состав: академик Луан Старова, минатогодишен лауреат, г-дин Ермис Лафазановски  и г-ѓа Лорета Ѓоргиевска  Јаковлева.

Во рамките на средбите со свои обраќања за Рацин ќе имаме прилика да ги слушнеме академик Митко Маџунков, академик Матеја Матевски и добитникот на Почесното Рациново признание проф.д-р Петер Рау.

Исто така во чест на „Белите мугри“ ќе се промовира и книгата на академик Блаже Ристовски „Кочо Рацин – живот и дело“, а промотор ќе биде академик Катица Ќулавкова. Учесниците на Средбите ќе имаат прилика да ја посетат родната куќа на Рацин и да се запишат во Белата книга специјално отворена за Белите мугри. Во соработка со Институтот за македонска литература ќе се одржи трибина под наслов „70 години Бели мугри“. Втората вечер од средбите, во рамките на блокот насловен „Народната песна инспирација за рациновата поезија“ ќе уживаме во звуците на групата „Баклава“.

Традиционално на 13 јуни делегација од Организациониот одбор, Општина Велес, поети учесници на Средбите и ученици од Гимназијата „Кочо Рацин“ ќе го посетат местото на погибијата на Кочо Рацин планината Лопушник во Општина Другово.

Во ноември, кога се навршуваат точно 70 години од печатењето на „Бели мугри“, Велес и Македонија во чест на Рацин ќе се претстават во Самобор – Република Хрватска, градот што со посредство на Рацин е збратимен со Велес.

На прес конференцијата беше презентиран и спотот со кој Организациониот одбор ги најавува 46-тите Рацинови средби.
 
(27.05.2008)