Пожарникарите во акција
По повод Денот на пожарникарите и завршувањето на втората фаза од проектот Флориан, во седиштето на ТППЕ –Велес се одржа пригодна свеченост со показно тактички вежби. Во името на граѓаните на Велес, вработените во ТППЕ - Велес, нивните колеги од Свети Николе, претставниците на Операција Флориан од Обединетото Кралство и присутните гости ги поздрави Градоначалникот Горан Петров.
„На овие активности гледам како на процес на осовременување на противпожарните служби, нивна надоградба со една единствена цел што поефикасно и поквалитетно да им бидат на услуга на граѓаните. Како градоначалник се гордеам со Територијалната противпожарна единица во Велес која во услови што се неспоредливи со современите стандарди во Велика Британија успева успешно да ја заврши секоја задача.“ рече Петров.
Во име на Операција Флориан, присутните ги поздрави Тони Џонс, регионален координатор на проектот кој нагласи дека пожарникарите од Велес и Свети Николе покажуваат исклучителен ентузијазам и посветеност. Џонс изрази задоволство што во втората фаза на проектот успешно се подготвени обучувачи од двете општини кои ќе можат да ги обучуваат своите помлади колеги. На учесниците во програмата Џонс им додели сертификати за успешно завршена обука. Во рамките на тактичко показните вежби, пожарникарите од ТППЕ - Велес ги воодушевија присутните со храброста и умешноста во изведувањето на симулации на спасување од пожар на висококатница и пожар на отворено.
(22.05.2009)