10 години соработка во заштитата на архитектонското наследство

 По повод одбележувањето на 10 годишнината од македонско-француската соработка во областа на архитектонското наследство, на 1-ви јуни годинава, во Скопје се одржа конференција посветена на постигнатите резултати во заштитата и афирмацијата на архитектонското наследство. Настанот го организираа Француската национална асоцијација, Францускиот центар за соработка-Скопје и Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство со седиште во Велес, а го поддржаа Министерството за култура и Амбасадата на Република Франција. Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска го поздрави настанот. „Задоволство е што можеме да ги вреднуваме плодовите од реализацијата на бројни активности за автентично спојување на културните мозаици“, рече меѓу другото Милевска. Бернар Валеро, Амбасадор на Република Франција во Македонија

потенцираше дека за овие 10 години е поставена солидна база на соработка: „ Особено е значајна размената на лица кои работеа заедно во Македонија и Франција и сметам дека треба да продолжиме да го споделуваме ова искуство“, нагласи Валеро. Жан Руже, Градоначалник на градот Сент и потпретседател на француската Национална асоцијација напомена дека десетгодишната соработка ја потврдила неопходноста од активно учество на сите нивоа на власт во заштитата на архитектонското наследство. „Неопходно е да имаме свест од потребата за препознавање на урбаното наследство“, рече Марилиз Ортиз, директор на француската Национална Асоцијација. Конференцијата ја отвори Коце Трајановски градоначалник на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС кој нагласи дека јубилејот 10 години соработка е потврда на успехот на заедничките активности и размената на искуства помеѓу двете земји.
Во својство на претседател на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Велес Горан Петров. „Активностите со нашите пријатели од Франција  се добра основа за изградба на една поинаква иднина во која архитектонското наследство наместо во немилост на времето ќе биде ставено во организиран систем на заштита и промоција“, рече Петров.
Во рамките на конференцијата беа презентирани проектите за инвентаризација на чаршиите во Скопје и Битола и активностите за размена на искуства преку работен престој на групи и поединци во Македонија и Франција. На конференцијата на која присуствува архитекти од петнаесетина општини во Македонија беше нагласена потребата од донесување на закон кој ќе ја олесни работата на општините на планот на заштитата на архитектонското наследство.