СПОРТ ВО ИМЕ НА ХУМАНОСТА
На 6-ти јуни годинава велешани уште еднаш ја потврдија својата хуманост. Овојпат преку спортот. На градскиот стадион и спортските терени во градскиот парк граѓаните од сите генерации меѓу кои 500 деца и ученици, ги покажаа своите вештини во мал фудбал, влечење јаже, скок во далечина, хокеј на трева, пикадо и други спортски дисциплини. Настанот насловен „Спортски ден за сите, спортуваме за посреќно детство" го организираа Општина Велес, фондацијата Фокус, Општинската организација на Црвен крст, Сојузот на училишен спорт и Друштвото на педагози.
Спортот да се преточи во хуманост беше главна цел на манифестацијата. Граѓаните учесници и посетителите имаа можност со свои доброволни прилози да им помогнат на децата во Центарот за лица со посебни потреби и децата без родителска грижа згрижени во дом-семејства. Манифестацијата ја отвори градоначалникот Горан Петров кој го нагласи значењето на хуманоста. „Особено ми драго што денеска спојуваме две корисни работи спортот и хуманоста. Верувам дека средствата што ќе ги собереме добро ќе им дојдат на децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби и деца без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства. Ве повикувам уште еднаш да покажеме дека Велес е град на хуманоста и дека заедно можеме да направиме многу повеќе за оние меѓу нас што имаат многу потешки предизвици во животот“, рече Петров. Одзивот на велешани на спортскиот ден беше потврда дека оваа манифестација треба да прерасне во традиција по која Велес ќе биде препознатлив.
(06.06.2009)