Ликовна изложба на Јован Наумовски во организација на ЛУ Нардоен музеј Велес

Image 

На ден 10.06.2009 Среда во 19,30 часот ќе биде отворена ликовната излжба на Јован Наумоски, на изложбата Наумовски ќе се претстави со 14 дела работени со акрил на платно.

Јован Наумоски е роден на 07.06.1982 година во Скопје - Македонија. Моментално е четврта година (апсолвент) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје – педагошки оддел - насока Графика кај Професорот Трајче Блажески. Има остварено две самостојни изложби и голем број групни изложби.

Самостојни изложби:
- 2008 година: Дом на култура ,,Кочо Рацин” – Кичево ,,Петтата страна на светот”
- 2009 година: Дом на култура ,,Кочо Рацин” – Кичево ,,Од другата страна”

Групни изложби:
- 2008 година: Дом на култура ,,Кочо Рацин” – Кичево ,,Уметничките креации под Бистра”
- 2008 година: Национална галерија ,,Мала станица” – Скопје ,,Уметнички дијалози 2”
- 2008 година: Национална галерија ,,Мала станица” – Скопје ,,Хуманитарна изложба”

Изложбата со која се претставува Јован Наумоски е составена од 14 дела, сите без исклучок работени во текот на 2008 година. Интерсно е да се забележи дека бројот на избрани дела, нивниот формат (кој безмалку е стандардизиран), а особено и панданите-парови во кои се групирани сликите укажуваат на смислата за ред која го опседнува и придвижува младиот автор. Како предизвик, исто така, ја прифаќа и состојбата на тотални спротивности, обидувајќи се да ги интегрира во своите дела.

Целта на авторот е како што вели и самиот, немирната и акциона апстракција (која е присутна во некои претходни дела), привидната хаотичност, да ја смири и урамнотежи со додавање на строго контролирани геометирски елементи со педантно обоени површини, со цел да го проследи ефектот од нивното паралелно коегзистирање на иста површина. Во еден дел од сликите е задржана строгоста на основните геометриски елементи без обид за интеграција, а на останатите се забележува дека елементите од геометрискиот опус едноставно се аплицирани врз “подлогата” од слободна апстракција. Видливо е дека и двата спротивставени света немаат тенденција за “асимилација” или пак директен судир, туку независно функционираат на одвоени нивоа, во паралелни рамнини.

Насловите на делата немаат за цел директно да укажат на проблемот кој се поставува во сликата. На формално ниво, преку еден слободен постмодернистички цитат, присутни се извесни влијанија од сликарството на неколкумина великани на 20 век, со дијаметрално спротивни сликарски пристапи и решенија, почнувајќи со апсолутниот геометриски дух на Мондријан, преку потсвесната акциона апстракција на Полок, и повторно до спиритуалната префинетост и длабочина на Ротко...
Она што е интересно во случајов е движењето на инспирацијата, спремноста на авторот да “комуницира” со “историјата” на уметноста, која произлегува од една фасцинација од “едноставноста” на делата на овие уметници. Со таквата позиција, Јован Наумоски, им дава огромно признание на овие творци на патот за пронаоѓање на сопствениот личен творечки стил. Уметничкото дело е феномен, различен од се останато, кој може да биде издигнат на ранг на директна и непосредна инспирација, кој во себе содржи нешто што е автохтоно.

Ова за авторот претставува уште една експериментална фаза, прифаќање на предизвикот за усогласување на сликарската материја со цел да се дојде до конечниот ред, потврдувајќи го уште еднаш рационалниот пристап, сфаќањето на сликата како конструкција, како решение на однапред зададен проблем.

Директор
ЛУ Народен музеј Велес
Спасе Перовски