Светот допатува во Велес
Со вистински спектакл во Младинскиот парк, на 10-ти јуни годинава ОЈУДГ „Димче Мирчев“ успеа „ цел свет да збере“ во срцето на Велес. Најмладите Велешани умесно и вешто ја доловија историјата и културата на Египет, Индија, САД, Италија, Франција и други земји во светот. Од Наполеон до египетските фараони, римскиот сенат, до модерните звуци на „Санремо“, гондолите, традиционалниот француски „Кан кан“, индијанските танци, Младинскиот парк се исполни со волшебен свет на детската фантазија во поимањето на убавините на светот.
Младоста на Велес ги воодушпеви присутните кои амфитеатарот го исполнија до последното место. И она најважното, не оставија лице без насмевка, без воодушевување. Покажаа дека и покрај тоа што се најмалечки можат и умеат да ни ја разубават вечерта и да ни создадат моменти што ќе ги паметиме. По нивното магично патување по светот што заврши со „најубавите убавини“ дома, во Македонија, остана желбата да ги видиме пак со некоја нова креација од фантазиите. Во меѓувреме ќе се воодушевуваме на седумте светски чуда меѓу кои Таџ Махал и Кривата кула во Пиза што како дел од оваа манифестација го красат Младинскиот парк
(10.06.2009)