Доделени Рациновите признанија
На 12 јули годинава, во рамките на програмата на 46-то издание на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“, градоначалникот Горан Петров им ги додели Рациновите признанија на лауреатите за 2009 година. На свеченоста насловена „Наспроти мугрите“, Рациновото признание му беше доделено на писателот Трајче Кацаров за неговата книга за збирката раскази „Татко и отец“ во издание на „Македонска реч“. „Уште кога бев дете татко ми ми ги рецитираше стиховите на Рацин, привилегиран сум што ја добивам оваа престижна награда“, рече Кацаров кој нагласи дека наградата ја доживува и како обврска и поттик да продолжи со литературното творештво. Почесното Рациново признание му беше доделено на германскиот филолог проф.др. Петер Рау.
Во својата беседа пред родната куќа на Рацин, проф.др. Рау се фокусираше на историските и филозовско –книжевните околности во креирањето на социјалната поезија и влијанието на поезијата на Кочо Рацин. „Како може во услови на германско-дуалистички хоризонт поезијата на Кочо Рацин, а особено неговите „Бели мугри“ да се сватат и да се разберат. Можеби таква синтеза, особено на германските автори-поети не им возможна“, рече Рау. Завршната вечер на 46-то издание на Рациновите средби ја збогати кореографијата „Мугри“ на Олга Панго и настапот на групата „Баклава“ со музика инспирирана од поезијата на Рацин и македонското народно творештво. Манифестацијата беше поддржана од Министерството за култура, а медиумски покровители беа МРТВ, весникот „Нова Македонија“ и фондацијата „Рамковски“