Министерката за култура во Велес
На 16-ти јуни годинава, Велес го посети Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Целта на посетата беше Милевска на лице место да го види напредокот на градежните работи на новиот театар во Велес. Таа изрази задоволство од динамиката на градежните работи.„Во Велес градиме современ театар кој ќе располага со најсовремена техника, со совршен светлосен парк и сценска механика. Средствата се обезбедени и јас се надевам дека до крајот на 2010 ќе можеме да го отвориме објектот, се разбира со една добра премиера со актерите од велешкиот театар„ рече Милевска.
Задоволство ми е затоа што инвеститорот Министерството за култура и Владата на Република Македонија обезбедија доволно средства за реализација на овој значаен проект. Ова е најдобра ситуација во градежништвото, кога имате доволно средства за завршување на градежните работи“, изјави градоначалникот Горан Петров за медиумите.
За Јордан Витанов, директор на велешкиот театар „ЈХК-Џинот“ објектот е од особено значење затоа што Велес ќе добие можност за интензивен културен живот 320 дена во годината. „Покрај големата сала со 380 седишта и малата сцена која максимално може да има до 120 седишта, во корисна површина од 375 м2 ќе сместиме и арт кино и театар за деца“, рече Витанов кој ги информираше медиумите дека за градежните работи и инсталациите досега се вложени 124 милиони денари. По изградбата на објектот, следната фаза е поставувањето на сценската техника и механика и уредувањето на ентериерот.
(16.06.2009)