Стартува ИФФ „Велес“ 2009

ImageПет фолклорни ансамбли со 175 учесници од странство, гостување на уште два странски ансамбли, девет ансамбли од Македонија. Ова е дел од колоритот на шестото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2009 што ќе се одржи во периодот од 24 до 28 јуни годинава. На 21 јуни, на прес конференција содржините на фестивалот ги презентираше Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на фестивалот.

„Љубителите на фолклорот ќе имаат можност да уживаат во настапите на фолклорните ансамбли од Турција, Романија, Полска, Босна и Херцеговина и Санџак-Србија. Дополнително, на затворањето на фестивалот ќе учествуваат уште два странски ансамбли од Хрватска и Словачка. Со особено задоволство би сакал да Ве известам дека честа да го отвори шестото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал ќе ја има нашиот најголем културен амбасадор во светот, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија  „Танец“, рече меѓу другото Јаневски. Во присуство на членовите на Организациониот одбор тој го најави традиционалното дефиле на учесниците и ги информираше новинарите дека од годинава, фестивалот кој е член на Меѓународната организација на фолклорна уметност доби и свое знаме. Покрај учеството на „Танец“, Јаневски најави и други изненадувања за љубителите на фолклорната ризница на народите.

Почнувајќи од среда, 24 јуни, фестивалот ќе се одржува во амфитетараот во Младинскиот парк, а дел од учесниците ќе настапат во Чашка и во Градско. Во случај на лоши временски услови програмата ќе се реализира во салата на ЈП „Парк-спорт“. Општина Велес од буџетот издвои 600.000 денари за реализација на фестивалот. Интерес за поддршка пројавија и претставници од бизнис секторот од Велес.Општина Велес ги поканува граѓаните љубители на фолклорот и годинава масовно да ги проследат содржините на фестивалот. Подетални информации за содржините можете да добиете од Програмата на фестивалот.
 
Image
 
(22.06.2009)