Отворена канцеларија во Бузалково
Во присуство на Н.Е, Ерван Фуере, Амбасадор на ЕУ и Шеф на Делегацијата на Европската Комисија во Македонија, членови на Советот на општината и истакнати гости од јавниот живот, на 1-ви јули годинава, во Бузалково беше отворена дисперзирана канцеларија на Општина Велес. Опремата за канцеларијата ја обезбеди ЕУ преку Проектот за поддршка на децентрализацијата – СУДЕП.
Во Велес покрај Бузалково, опрема добија и Граѓанскиот сервис центар, канцелариите во Иванковци и Горно Оризари. „Правото на секој граѓанин, дури и во најмалите населени места да има брз и лесен пристап до услугите и информациите на општината од денешна гледна точка е реална и остварлива мисија. Заштедата на средства неопходни за патување до Велес и заштедата на драгоцено време се само дел од придобивките што оваа канцеларија им ги носи на жителите на Бузалково“, рече градоначалникот Горан Петров.
Амбасадорот Фуере ги потенцираше неговите очекувања од работата на канцеларијата:Отворањето на овој центар има за цел да го олесни животот на граѓаните и да го олесни нивниот пристап до информациите кои што им се потребни. Ова е една од канцелариите што се отвораат во 36 општини во Македонија“. За претседателот на Советот на МЗ Бузалково канцеларијата е шанса жителите на Бузалково да ги добијат сите услуги многу побрзо и полесно, да воспостават комуникација со светот и да ги зголемат знаењата. Канцеларијата има бесплатен пристап до интернет и ЕУ инфо точка. Во рамките на настанот учениците при Подрачното училиште од Бузалково изведоа пригодна програма. Амбасадорот Фуере и Градоначалникот Петров остварија и средба со жителите од МЗ Бузалково на која се разговараше за актуелни прашања од животот во Бузалково.
(01.07.2009)