Папрадиште - вечна инспирација
Папрадиште по петти пат ги откри своите тајни пред уметниците учесници на традиционалната сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки Мајстори“. На 12 јули годинава, уметниците ги посетија градоначалникот Горан Петров и претставниците на електронските и печатени медиуми. Творечката атмосфера и дружењето беа надополнети со традициите на најголемиот празник на Папрадиште, Петровден. Убавото време и враќањето на животот во селото- извор на уметничката инспирација на Македонија придонесоа ова издание на колонијата да биде препознатлив белег на растежот на меѓународната културна манифестација.
„Особено ми драго што годинава имаме најголем број на уметници што зборува за квалитетот на манифестацијата. Општина Велес и понатаму ќе работи на развојот на оваа значајна културна манифестација“, рече градоначалникот Горан Петров. Во Папрадиште деновиве престојуваат 15 ликовни уметници и 7 копаничари од Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија кои не го кријат задоволството од поттикот што природните убавини им го даваат во творештвото. Петровден во папрадиште беше ден на восхит од безвремената убавина на пејсажите, мирисот на ливадите, по некоја берба на лековити билки, акордите на гитарата, љубопитни погледи кон уметниците во моментот на творештвото и многу дружење.
Средбата со намерниците планинари од Франција кои токму на 12 јули трагаа по својот пат кон Солунска Глава само ни го нагласија прашањето какви ли привлечни убавини имаме за светот? Сите оние што имаат желба да ја доживеат таа единствена средба со уметноста на природата и уметноста на човекот можат да ги посетат Папрадишките мајстори до 17-ти јули годинава и лично да го доживеат Папрадиште.
(12.07.2009)