Стартува Стоби 2009
8-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, на љубителите на театарот ќе им понуди програма со учество на театри од три земји. Театарските остварувања од Македонија, Ерменија и Грција годинава се во фокусот на вниманието на оваа значајна меѓународна манифестација. Програмата на фестивалот, на прес конференцијата што се одржа на 17 јули годинава, ја презентираше претседателот на Организациониот одбор Зоран Љутков.
Годинава се одлучивме на модерен пристап во изведбите на претставите. Наместо класична античка трагедија, граѓаните ќе имаат можност да видат еден поинаков современ пристап и современ начин на актерска игра,", рече Зоран Љутков. Честа да го отвори фестивалот ќе ја има претставата „Александар“ во режија на Љубиша Георгиевски, а во изведба на Драмски театар - Скопје. Следуваат претставите „Нерон и Сенека“ во режија на Хакоб Газанчјан, на Државниот младински театар од Ереван- Ерменија, „Феничанки“ на Народениот театар „Антон Панов“- Струмица во режија на Стојан Стојаноски, „Птици“ на велешкиот Народен театар „ЈХК-Џинот“, во режија на Стојан Стојаноски, „Електра Перпетратор“ на Танцовиот театар Роес од Атина, Грција, во режија на Софија Спиратоу. Во чест на наградените на затворањето на фестивалот ќе се одигра претставата „Тапани во ноќта“, на Народниот театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп, во режија на Мартин Кочовски. Како што најави Љутков, годинава примарна цел на Организациониот одбор е да го зголеми квалитетот на фестивалот на домашен и меѓународен план. Влезот во театарот на античкиот локалитет “Стоби“ е слободен за сите претстави. Општина Велес организираше превоз за граѓаните кои имаат желба да ги проследат претставите. Автобусите поаѓаат во 19:45 часот, спроти стоковната куќа во близина на споменикот – коњаник посветен на Илинденците.
(17.07.2009)