Отворено 8-то издание на Стоби

ImageМинистерката за култура Елизабета Канческа Милевска, на 20 јули годинава го отвори 8-то издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Посочувајќи ја тесната поврзаност на археолошките вредности на Стоби со неговиот потенцијал за културна презентација на Македонија, Милевска во изјава за медиумите го нагласи значењето на фестивалот: „Мислам дека со овој фестивал навистина се подигнува културниот живот, не само на Велес и на Република Македонија , има и големо присуство на посетители надвор од нашата држава“.

На свеченото отворање присутните ги поздравија Градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров и претседателот на Организациониот одбор на фестивалот  Зоран Љутков. „ Самиот факт што сме присутни овде е сведоштво за нашата свест дека Македонија има театарска традиција долга над 2500 години и дека можностите што ни ги дава овој простор се немерлива вредност за сите нас“, рече Градоначалникот Петров.

ImageImage 

„ Оваа година помеѓу современиот пристап на интерпретација на античките текстови во театарот и магијата на танцовиот театар ќе имате можност преку перформансите на шест театри да прошетате од Македонија до Ерменија и Грција, да се дружите со актерите и нивните ликови“, најави Љутков.

ImageImage 

Драмскиот театар-Скопје со претставата „Александар“ во авторство и режија на Љубиша Георгиевски го отвори фестивалот оставајќи ја публиката обземена од прашањето по што всушност трагаме кога е во прашање Александар Македонски. Фестивалот продолжува на 22 јули со настапот на Државниот младински театар од Ереван, Ерменија.

(20.07.2009)